Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската Унија го поздравува објавувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан, како и напорите на Франција и САД кои го доведоа до негово постигнување, порача високиот претставник за надворешна политика и безбедноста Жосеп Борел во писмената изјава упатена во име на ЕУ.

– Ова е значајно достигнување, на кое ЕУ и нејзините земји членки постојано повикуваа во текот на оваа година. Сега е од клучно значење примирјето да се почитува како што е договорено, да се гарантира безбедноста на луѓето и во Либан и во Израел и да им се дозволи на внатрешно раселените лица од двете страни на границата да се вратат во своите домови – наведе Борел.

Тој посочи дека остварувањето на овие заложби бара, пред се, посветеност на двете страни во правец на целосно почитување и на либанскиот и на израелскиот суверенитет и на прекин на сите прекугранични напади.

– ЕУ ги повикува сите регионални и меѓународни чинители активно да се вклучат во поддршката на прекинот на огнот за тој да има постојан придонес за регионалниот мир и стабилност. ЕУ и нејзините земји членки се посветени на мобилизирање на широк опсег на инструменти, вклучувајќи го и Европскиот мировен фонд и на поддршка на либанските Вооружени сили и УНИФИЛ, преку ефикасно и целосно спроведување во пракса на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН – се додава во изјавата.

Борел нагласува и дека ЕУ ќе продолжи со доставување на хуманитарна помош и ќе се вклучи во процесот на постконфликтно закрепнување и реконструкција на Либан, со цел да го поддржи либанскиот народ погоден од конфликтот, вклучително и големиот број внатрешно раселени лица.

Според Борел, ЕУ е особено решена да го поддржи понатамошното зајакнување на суверенитетот и на институциите на либанската држава.

– Либанските политички лидери имаат можност и огромна одговорност брзо да ги остават настрана нивните разлики и да најдат излез од долготрајниот политички и економски ќорсокак, така што сите Либанци ќе ја делат истата национална иднина, како дел од заеднички, мирен и просперитетен Либан – наведува Борел, упатувајќи апел до политичките лидери под итно да изберат претседател на државата, позиција која стои празна две години, и да вложат напори за изградба на силна и суверена либанска држава.