Andrius Kubilius
Фото: ЕПА

Време е Европејците да престанат да бидат следбеници на американскиот претседател Доналд Трамп и да предложат свој мировен план за Украина – изјави еврокомесарот за одбрана Андриус ​​Кубилиус во интервју за изданието „Политико“.

– ЕУ треба да биде независна или барем да биде подготвена да биде доволно силна во геополитичките настани, вклучително и да има сопствени планови за тоа како да се постигне мир во Украина и да ги дискутира со своите трансатлантски партнери – рече ​​Кубилиус.

Европските власти се загрижени дека дури и новиот план на Трамп да не профункционира, по неколку месеци ќе има нов.

– На секои шест месеци добиваме нови планови и на некој начин чувствувам дека тука чекаме да дознаеме какви планови ќе дојдат од Вашингтон оваа година. Планови треба да доаѓаат и од Брисел и Берлин – додаде еврокомесарот за одбрана.

Тој нагласи дека е „многу неопходно“ Европа да изготви свој план за крај на војната, за да си обезбеди место на преговарачката маса.

– Мора да имаме можност да дискутираме два плана – еден кој е европски и уште еден, можеби изготвен од нашите американски пријатели, рече ​​Кубилиус. Целта е да се „открие синергија помеѓу овие два плана и да се постигне најдобриот резултат“ – дополни тој.