Фото: „Нова Македонија“

Репортажа на „Нова Македонија“

Додека христијанскиот свет што се води според јулијанскиот календар го дочекува Велигден, празникот на победата над смртта, над Светата Земја лебди некоја тешка, необична тишина. Годинава „ерусалимскиот мир“ е ставен на суров тест. Пред само неколку недели, ноќното небо над Стариот град не го осветли благодатниот оган, туку застрашувачки траги од проектили. Шрапнели паѓаа во непосредна близина на базиликата на Светиот гроб, местото каде што секој камен е натопен со историја и молитва.

А само до пред некој месец кога со душевен мир чекорев низ тесните улички на христијанскиот кварт во Ерусалим, беше незамисливо дека најсветото место на христијанството ќе се најде на линијата на огнот. Тогаш единствената „опасност“ беше да се изгубите во реката од луѓе од целиот свет, да стигнете навреме пред стемнување, додека чуварите на храмот не ги затвориле портите. Денес, додека воените репортери известуваат за тензии и затворени патеки, додека над кревкото примирје надвиснува стравот дали ќе опстои, сеќавањето на тоа незаборавно патување останува засекогаш.

Чекори по калдрмата на маката и надежта

Фото: „Нова Македонија“

Патот до Светиот гроб не е во тишина, како што можеби некој замислува оддалеку или како што му останале во сеќавањето филмските сцени од делата посветени на Спасителот. Тој пат води низ Виа Долороса, каде што животот пулсира во својата најсурова и најавтентична форма. Тесни сокаци каде што зелените метални врати на дуќаните се спуштаат пред зајдисонце, а калдрмата сјае под уличните светилки како да е полирана од чекорите на милионите поклоници.

Патот Виа Долороса е поделен на четиринаесет станици, од кои секоја е нем сведок на последното патување на Христос. Сè започнува кај Првата станица, во некогашната тврдина Антонија, каде што Исус е осуден на смрт, и Втората, каде што го примил крстот врз своите плеќи. Потоа патот води низ болните моменти на физичката немоќ – Третата, Седмата и Десеттата станица, местата каде што Исус трипати паднал под тежината на дрвениот крст. Помеѓу нив се врежани најдлабоките човечки средби: кај Четвртата ја среќава својата мајка Марија, кај Петтата Симон Киринејски му помага во носењето на крстот, кај Шестата Вероника му го брише лицето, а кај Осмата Исус ги теши ерусалимските жени. Деветтата станица ја означува последната нагорнина пред влезот во самата базилика на Светиот гроб, каде што се наоѓаат последните пет станици. Внатре, под куполата на храмот, се случува финалниот чин: кај Единаесеттата Исус е прикован на крстот, кај Дванаесеттата (Голгота) умира, кај Тринаесеттата е симнат и положен на каменот на миропомазанието, за на крајот, кај Четиринаесеттата станица, да биде положен во Гробот, местото на надежта од каде што ќе воскресне.“

Влезот каде што времето застанува

Фото: „Нова Македонија“

На самиот влез на базиликата ве пречекуваат столбовите што ги преживеале вековите. Мојот поглед, како и на илјадници пред мене, застана на десниот столб – оној распуканиот, во чии пукнатини верниците оставаат мали ливчиња со желби. На него, како неми сведоци на вечноста, стојат врежани стотици мали крстови од аџиите што поминувале овде низ милениумите. Тие крстови, врежани во каменот, денес изгледаат како штит против современото лудило.

Виа Долороса не завршува на прагот на црквата, туку ве вовлекува длабоко во нејзината утроба. Кога ќе ја поминете масивната порта, вие не излегувате од патот на страдањето, туку влегувате во неговото финале. Последните станици се збиени на само неколку метри една од друга, под истиот покрив. Овде, во полумракот на храмот, се наоѓа издигнатото место на Голгота, каде што крстот бил забиен во карпата, а само неколку чекори подолу е Кувуклијата — самиот Гроб. Тоа е неверојатно чувство: по целиот тој бучен пат низ пазарот и сокаците, патувањето завршува во тишината на еден мал камен простор. Токму таму, каде што завршува патот на смртта, за христијаните започнува приказната за вечниот живот. Тоа е местото каде што точката станува нов почеток.

Мирисот на смирна и тишината на Кувуклијата

Фото: „Нова Македонија“

Внатрешноста на црквата е фасцинантен лавиринт од светлина и сенки. Веднаш по влезот е Каменот на миропомазанието. Мирисот на розова вода и смирна овде е толку силен што можете да го почувствувате со секое сетило. Луѓето клечат, ги допираат челата до ладниот мермер, полагаат предмети, облека, барајќи утеха и спас, кои светот надвор не може да им ги понуди.

Во срцето на ротондата стои Кувуклијата – малата капела што го чува самиот Гроб Господов. Тоа е тесен, темен простор, каде што се влегува со наведната глава, не само од почит туку и поради самата архитектура. Внатре, пред мермерната плоча, времето навистина застанува. Нема звук од сирени, нема ехо од експлозии. Постојат само пламенот на свеќата и личната исповед на секој што успеал да стигне дотука.

Симболиката на надежта

Фото: „Нова Македонија“

Овој Велигден, симболиката на Ерусалим е посилна од кога било. Црквата на Светиот гроб не е само музеј на верата туку и жив потсетник дека по секое страдање доаѓа воскресение. Иако годинава редовите се поретки, а небото е немирно, базиликата стои како непоколеблив столб.

Фрагменти од проектилите можеби завршија во околните ѕидови, но тие не можат да го допрат духот на ова место. Затоа што Ерусалим, дури и под опсада на стравот, останува градот каде што секоја година, без исклучок, светлината го победува мракот. Овој празник е потсетување дека ниту еден шрапнел не е посилен од молитвата за мир што се издига над златните куполи.