Ерупцијата предизвика голем бран водена пареа во стратосферата, која се наоѓа меѓу 12 и 53 километри над површината на Земјата
Една од најсилните вулкански ерупции на планетата исфрли толку големо количество водена пареа во атмосферата што остава можност за привремено загревање на Земјината површина, се дознава од податоците собрани од сателитот на НАСА, пишува Си-ен-ен.
Кога вулканот Хунга Тонга-Нунга Хаапраи еруптира на 15 јануари, 65 километри северно од главниот град на Тонга, предизвика цунами, како и силен звучен удар што го обиколи светот двапати. Ерупцијата предизвика голем бран водена пареа во стратосферата, која се наоѓа меѓу 12 и 53 километри над површината на Земјата. Тоа било доволно количество вода за да се наполнат 55.000 олимписки базени.
Овие согледувања се направени со помош на опремата на сателитот „Аура“ на НАСА. Овој сателит ги мери водената пареа, озонот и другите атмосферски гасови. По ерупцијата на вулканот, научниците беа изненадени од исчитување на податоците за водената пареа.
Тие проценуваат дека со ерупцијата се исфрлени 146 тераграма вода во стратосферата. Еден тераграм е милион тони и во овој случај била еднаква на количеството од 10 отсто вода што е присутна во стратосферата. Тоа е речиси четири пати од количеството водена пареа што доспеа во стратосферата по ерупцијата на планината Пинатубо во 1991 година на Филипини.
Новата студија за водената пареа беше објавена во јули, во списанието „Геофизикал ресерч летерс“.
– Никогаш немаме видено вакво нешто. Мораме внимателно да испитаме сѐ што сме анализирале за да утврдиме дека е веродостојно – изјави авторот на студијата, Луис Милан, стручњак за атмосфера во НАСА-лабораторијата во јужна Калифорнија.
Сателитот „Аура“ е поставен во 2004 година и оттогаш се измерени само две вулкански ерупции што испуштиле поголемо количество водена пареа високо во атмосферата.
Водената пареа од ерупцијата на Касаточи во 2008 година и ерупцијата во 2015 година во Чиле се распрскаа мошне брзо.
Ерупцијата на Тонга беше поинаква бидејќи водената пареа што вулканот ја испрати во атмосферата може да ја зароби топлината, што би можело да предизвика поголема температура на површината на земјата. Големото количество вода може да остане во стратосферата неколку години, сметаат стручњаците.
Дополнителната водена пареа во стратосферата, исто така, може да води кон хемиски реакции, кои привремено придонесуваат за исчезнување на земјениот заштитен озонски слој. За среќа, ефектот на загревање на водената пареа би требало да биле мал и привремен, а научниците не веруваат дека ќе биде доволен за дополнително засилување на климатската криза. Истражувачите веруваат дека главната причина за големото количество водената пареа е длабочината на вулканскиот канал од 150 метри под површината на океанот, пишува Си-ен-ен.