Каков економски пресврт се планира во Турција?
Министерот за финансии на Турција, Мехмет Шимшек, во Истанбул деновиве оствари средба со голем број меѓународни инвеститори. Тоа претставува прв чекор кон обновување на врските со голем број значајни компании од странски земји.
На состанокот, кој многумина економски аналитичари најпрвин го оценија како „маратонски“, со оглед на тоа што траеше осум часа, учествуваа министерот за финансии, гувернерот на Централната банка на Турција, Хафизе Гаје Еркан, како и 40 инвеститори. Тема на разговор беа монетарната и фискалната политика и економските перспективи на земјата.
– Состанокот означува потранспарентен пазарен пресврт на турската влада и доаѓа два месеца откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го назначи Шимшек за министер, како и гувернерот Еркан – пишува Дејли Сабах.
Според изворите на овој турски весник, Шимшек нагласил дека намалувањето на инфлацијата е приоритет и самоуверено најавил дека економската политика се враќа на регуларни патеки.
– Шимшек им порача на инвеститорите дека Ердоган целосно го поддржува монетарното заострување и исто така нагласи дека постепеното зголемување на каматните стапки ќе продолжи, што ќе доведе до нешто побавен економски раст, но не и до нагло запирање – изјави еден од изворите од средбата.
Инаку, Централната банка на Турција под раководство на новиот гувернер ја зголеми основната каматна стапка за 900 базични поени, односно на 17,5 отсто во јуни.
Инфлацијата во октомври минатата година во Турција достигна највисоко ниво во последните 24 години од 85,5 отсто. Со текот на времето, инфлацијата се намалуваше, но во јули таа се задржа на ниво од 48 проценти.