Во Турција најверојатно ќе има втор круг од претседателските избори откако по преброени 97 отсто од гласовите, ниту еден од двајцата главни кандидати – Реџеп Таип Ердоган и Кемал Киличдароглу не го поминаа потребниот праг од 50 отсто за директна победа, објавуваат светските и турските новински агенции.
Раните резултати му даваа поубедлива предност на Ердоган, но како што одминуваше вечерта, разликата очекувано стануваше потесна, објави Ројтерс.
Вториот изборен круг е за две недели, на 28 мај. Предизборните анкети му даваа блага предност на Киличдароглу, зад кого застанаа шест опозициски партии.
-Се чини дека нема да има јасен победник во првиот круг. Сепак, нашите прогнози навестуваат дека Киличдароглу ќе има водство – кажа висок функционер од опозициската коалиција, што го цитираа турските агенции.
Киличдароглу, кој рече дека ќе победи во вториот круг, ги повика поддржувачите да бидат трпеливи и ја обвини партијата на Ердоган дека се меша во пребројувањето и известувањето на резултатите.
Сепак, Ердоган се претстави подобро отколку што предвидуваа предизборните анкети, изгледајќи самоуверено и борбено додека им се обраќаше на поддржувачите.
Право на глас на вчерашните претседателски и парламентарни избори имаа над 64 милиони турски граѓани. За речиси 5 милиони од нив ова беа први избори на кои можат да гласаат.