Тенденцијата на НАТО ги надминува својот географски облик, ја надминува и европската и евроатлантската димензија, а овој пат се појавува и пацифичка димензија. На самитот во Мадрид, за првпат во официјалните документи се спомнува и Кина. Тешко е да се очекува дека НАТО директно ќе се насочи кон Кина, но затоа Русија е прогласена за директна закана, велат експертите за меѓународна политика
Самитот на НАТО ги редeфинира односите во светот
На последниот самит на НАТО во Мадрид, кој се одржа минатата недела, беа донесени неколку клучни одлуки за идното дејствување на Алијансата. Покрај поканата за членство за неутралните Шведска и Финска, беа донесени и други одлуки што ќе ги определат геополитичките односи во светот. НАТО најави јакнење на силите на истокот на Европа и зголемување на финансиските издатоци за НАТО-сојузот, а беше спомената и натамошната поддршка за Украина, во спротивставување на руските сили.
Самитот на НАТО во Мадрид може да се нарече историски, затоа што се надминува европската и евроатлантската димензија, а за првпат се присутни и пацифичките држави како Австралија, Нов Зеланд и Јапонија. Според некои од аналитичарите во европските медиуми, самитот се одржа во време кога нема никаква назнака за дипломатско решение за војната во Украина.
– Лидерите на западните земји се согласуваат дека е одржан историски самит, а на него е заклучено дека Русија е директна безбедносна опасност за Алијансата. Првпат се споменува и Кина како опасност. Турција даде зелено светло за приемот на Шведска и Финска, додека американскиот претседател најави поголемо присуство на Америка во Европа. Со ова се затвора период од 30 години по Студената војна, со намера да се изгради еден кооперативен светски поредок. Можеби тој во суштина и не беше таков, но декларативно секако е претставен така – вели Драган Бисениќ, надворешнополитички новинар од Србија.
Според него, НАТО сега се појавува како моќна и силна асоцијација, која покрај воените капацитети, несомнено има и економски капацитети и улога во светот.
– Можеме да ја видиме тенденцијата на НАТО, која го надминува својот географски облик, ја надминува и европската и евроатлантската димензија, а се појавува и пацифичка димензија. На самитот во Мадрид првпат се споменува и Кина. Не очекувам дека НАТО директно ќе се насочи кон Кина, но затоа Русија е прогласена за директна закана, што е највисок степен на негативна квалификација. Во овој момент нема ни сигнали за дипломатско решение на војната во Украина. Предлогот за мировниот план што го дадоа Шолц, Макрон и Драги, а кој беше експлицитно отфрлен од украинска страна, а потоа и од САД, едноставно исчезна. Тоа се случи пред два месеца и нема ни дипломатски обиди овој проблем да се реши – вели Бисениќ.
Стратегискиот концепт е најважен документ на НАТО по Северноатлантскиот договор од 1949 година, кој ја содржи и клучната одредба, членот 5, кој значи дека нападот на една членка се смета за напад на сите земји од НАТО.
– Треба да се каже дека постои и реченицата што вели дека дијалогот со Русија не е затворен и дека НАТО е подготвен да го продолжи дијалогот за сите прашања и за прашањата од меѓународна безбедност. Каналите за комуникација не се затворени. Односот со Русија сега е дефиниран спротивно на Стратегискиот концепт на НАТО од 2010 година. Кога станува збор за Кина, Пекинг е означен како „предизвик за интересите, сигурноста и вредностите на НАТО“ – вели Бранка Латиновиќ од Форумот за меѓународни односи.
Меѓународните експерти сметаат дека патот на Шведска и на Финска во НАТО е неизвесен, и покрај почетното зелено светло од Турција. Турција, Шведска и Финска на минатонеделниот самит на НАТО во Мадрид потпишаа меморандум за процесот на придружување на двете скандинавски земји во НАТО, кои досега беа воено неутрални. Потенцијалните кандидати се обврзаа дека ќе ги исполнат барањата за испорачување на осомничените лица за тероризам. Анкара отворено порача дека го чека одговорот од Стокхолм и од Хелсинки за барањето за испорачување на 33 лица. Токму во процесот на ратификација на барањата за прием на нови членки во НАТО стои и пречката за Шведска и за Финска.
– Се плашам за можноста од нови барања од Турција што би предизвикале проблеми, бидејќи Финска не може да ѝ ги испорача на Турција лицата што имаат финско државјанство или постојан престој во Финска, како и лицата што не сториле злосторства според финските закони – изјави финскиот новинар Лаури Нурми во изјава за „Еуроњус“.
Дневниот весник „СвД“ објави дека Шведска повторно може да има проблеми со Турција. Ако Турција не е задоволна од тоа како Шведска го исполнува својот дел од договорот, турскиот парламент повторно може да ја блокира Шведска.
Аминех Какавабех, независна шведска пратеничка и поранешен курдски борец, од која повеќепати зависеше опстанокот на социјалдемократската влада во парламентот, оцени дека ова е „црн ден за шведската надворешна политика“.
– Ова врши голем притисок на луѓето што бараат азил и засолниште во оваа земја, но повеќе не се чувствуваат безбедно, бидејќи Шведска тргува со нивните основни права – изјави таа.
Загриженоста пред сè се однесува на курдските дисиденти што живеат во Шведска и во Финска и на тоа дека договорот ќе му олесни на Ердоган да врши нови упади на северот на Сирија за освојување на градовите под контрола на Сириските демократски сили предводени од Курдите.
САД ќе формираат постојан штаб за својот Петти армиски корпус во Полска, ќе испратат 5.000 дополнителни војници во Романија и ќе го зголемат ротациското распоредување во балтичките земји, рече претседателот Џо Бајден, на самитот на НАТО, каде што лидерите договорија ревизија на стратегијата на Алијансата за одбрана на Источна Европа од Москва.
Бајден додаде дека две ескадрили на американски борбени авиони „ф-35“ ќе бидат испратени во Велика Британија, покрај стационирањето системи за противвоздушна одбрана во Италија и во Германија и зголемувањето на бројот на американските поморски разурнувачи во Шпанија на шест од четири.
Распоредувањето ќе биде дополнение на повеќе од 100.000 американски војници што моментално се стационирани во Европа, кои веќе се зголемија за околу 20.000 откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна својата специјална воена операција на Украина пред четири месеци.
Подготвил: Митко Јовановски