Технолошките гиганти ги засилуваат напорите за развој на вештачката интелегенција. Извештајот на американскиот универзитет „Стенфорд“ покажува дека во 2021 година, Кина поднела повеќе од половина од светските апликации за патенти за вештачка интелигенција и продолжила да води на глобално ниво со бројот на списанија за вештачка интелигенција, конференциски трудови и сродни публикации. Како пример, инвестициите на Кина за вештачка интелигенција годинава ќе достигнат 14,75 милијарди долари или една десеттина од глобалниот пазар. Сепак, според „Чајна дејли“, постои одредена загриженост околу одредени проблеми што можат да настанат во врска со вештачката интелигенција
Вештачката интелегенција во светскиот технолошко-развоен фокус
Интересот за генеративната вештачка интелигенција (ВИ), која се однесува на алгоритми што функционираат „со големи количества на податоци“ и се способни да генерираат „содржини како што се слики и текст“, се зголеми по објавувањето на т.н. ЧетГПТ.
Според голем број аналитичари, „големите модели со вештачка интелигенција ќе се користат во широк опсег сектори, давајќи им значителен поттик на продуктивноста и длабокото менување на животниот стил на луѓето“.
„Алибаба“ започна со истражување на таквите модели во 2019 година. Нејзиниот производ сличен на ЧетГПТ првично ќе биде распореден на „Дингток“, апликацијата за пораки на работното место на компанијата, и може да се користи за сумирање белешки за состаноци, создавање поезија, пишување е-пошта и подготвување деловни предлози. Оваа објава следуваше еден ден откако кинескиот пионер во вештачка интелигенција „Сенс-тајм“ го лансира „Сенс-нова“, најновиот сет на големи модели со вештачка интелигенција, кои ги покриваат клучните капацитети, вклучувајќи компјутерска визија, обработка на природен јазик и содржина генерирана од вештачка интелигенција.
Минатиот месец, „Баиду“ го претстави Ерни-бот, својот голем јазичен модел и производ сличен на ЧетГПТ, кој може да се пофали со способности во области како што се литературното создавање, деловното пишување, математиката и разбирањето кинески јазик. Тој може да се користи за низа функции, вклучувајќи пребарувања, автономно возење и паметни уреди.
Нов бран за развој на вештачката интелигенција
Други кинески технолошки компании исто така му се приклучија на новиот бран за развој на вештачката интелигенција предизвикан од ЧетГПТ. Пан Хелин, кодиректор на Истражувачкиот центар за дигитална економија и финансиски иновации на Меѓународната бизнис-школа на универзитетот „Жеџијанг“, рече дека во споредба со своите странски колеги, Кина доби предност во зајакнувањето на индустриската примена на вештачката интелигенција, бидејќи земјата може да се пофали со релативно комплетни индустриски категории, ултраголем потрошувачки пазар и силна развојна основа. Истакнувајќи дека кинеските технолошки гиганти и милијардерските стартапи за вештачката интелигенција му се приклучија на бранот да се изградат големи алатки со вештачка интелигенција, Пан е уверен во изгледите за развој на секторот за содржини генерирани од вештачката интелигенција и употребата на разговорни четботови во Кина (како што е гореспоменатиот ЧетГПТ).
Податоците од глобалната компанија за истражување на пазарот „Интернешенел дата корп“ покажуваат дека трошоците на Кина за вештачка интелигенција најверојатно ќе достигнат 14,75 милијарди долари оваа година, што претставува околу една десеттина од глобалниот пазар. Размерот на кинескиот пазар за вештачка интелигенција се очекува да достигне 26,44 милијарди долари во 2026 година, со сложена годишна стапка на раст од повеќе од 20 отсто од 2021 до 2026 година.
Кина постигна значителен напредок во развојот на технологијата за вештачка интелигенција. Извештајот на универзитетот „Стенфорд“ покажува дека во 2021 година, Кина поднела повеќе од половина од светските апликации за патенти за вештачка интелигенција и продолжила да води на глобално ниво со бројот на списанија за вештачка интелигенција, конференциски трудови и сродни публикации.
Сепак, реномирани аналитичари изјавуваат дека „кинеските компании за вештачка интелигенција сè уште не се пред водечките странски конкуренти во основните технологии и фундаменталното истражување и развој во клучните полиња, како што се чиповите и основните компоненти“. Ова го потврди и Пан Хелин, кодиректорот на Истражувачкиот центар за дигитална економија и финансиски иновации на Меѓународната бизнис-школа на универзитетот „Жеџијанг“.
Понатаму, Лу Јанксија, директор за истражување во „Интернешенел дата корп“ во Кина, рече дека кинеските технолошки компании имаат предност што им нудат на корисниците разговорни резултати со вештачка интелигенција засновани на кинескиот јазик и култура.
Технологиите поврзани со вештачка интелигенција и ЧетГПТ веројатно ќе ги ослободат луѓето од здодевните задачи и ќе им овозможат да се фокусираат на креативното размислување, што резултира со значителен потенцијал за примена во области како што се културата, трговијата на мало, финансиите, здравството и образованието. Кинеските производители на апарати за домаќинство и производителите на автомобили ги забрзаа напорите за интегрирање четботови со вештачка интелигенција во своите производи и услуги, со надеж дека ќе обезбедат подобро искуство за интеракција меѓу човекот и машината.
Сепак, сѐ уште постојат извесни недоумици во врска со употребата на
вештачката интелигенција
Пазарната консултантска компанија „Гартнер“ предвидува дека до 2025 година, генеративната вештачка интелигенција ќе учествува со 10 отсто од сите создадени податоци, во споредба со помалку од еден отсто лани, и може да се користи за активности како што се создавање софтверски код, олеснување на развојот на лекови и насочен маркетинг.
Во меѓувреме, комерцијалната употреба на револуционерниот четбот со вештачка интелигенција предизвика загриженост за тоа како да се регулира генеративната технологија за вештачка интелигенција, имајќи предвид дека се појавува нова низа на проблеми, вклучувајќи и етички, или пак „академско мамење и протекување на личните податоци“.
На 11 април, кинескиот регулатор за сајбер-просторот ги откри нацрт-мерките за управување со генеративни услуги за вештачка интелигенција. Управата за сајбер-простор на Кина рече дека давателите на услуги ќе бидат одговорни за легитимноста на податоците што се користат за градење генеративни производи со вештачка интелигенција и треба да се преземат мерки за да се спречи дискриминација при дизајнирањето алгоритми и податоци за користење. Регулаторот рече дека Кина ги поддржува иновациите и примената на алгоритми за вештачка интелигенција и други основни технологии и ја охрабрува употребата на безбеден и доверлив софтвер, алатки и ресурси за податоци. Но содржината произведена од генеративната вештачка интелигенција треба да биде во согласност со основните вредности и со законите за безбедност на податоците и заштита на личните информации. Компаниите треба да поднесат безбедносни процени до властите пред да ги претстават своите генеративни понуди за вештачка интелигенција за јавноста. Тие исто така треба да обезбедат точност на информациите, а не да генерираат лажни информации.
Здружението за плаќање и клириншки куќи на Кина ги повика компаниите во платежната индустрија да го користат ЧетГПТ со претпазливост, со оглед на ризиците од прекугранично протекување податоци. Во соопштението на здружението се наведува дека ризиците од користењето на ЧетГПТ и другите алатки за обработка на работната содржина треба сеопфатно да се проценат, а таквите алатки треба да се користат во согласност со законите и прописите. Исто така се наведува дека оние во индустријата за плаќања не треба да поставуваат клучни и чувствителни информации кога го користат ЧетГПТ.
Во отворено писмо кон крајот на минатиот месец, извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, и група експерти за вештачка интелигенција и индустриски директори повикаа на шестмесечна пауза во развојот на јазични модели помоќни од новолансираниот ГПТ-4 на „ОпенАИ“, наведувајќи ги потенцијалните ризици за општеството. Италија е првата западна земја што го забрани ЧетГПТ поради сомневање дека ги прекршува строгите прописи за приватност. Различни влади низ светот бараат да излезат со свои правила за вештачката интелигенција. Експертите рекоа дека генеративната вештачка интелигенција е меч со две сечила и дека е неопходно безбедно да се користи таквата технологија во корист на луѓето.
Џоу Хонги, основач на компанијата за сајбер-безбедност „360 секјурити груп“, изјави дека неразвивањето на овие модели „претставува најголема несигурност“ и Кина треба да продолжи да развива свои големи јазични модели. Кина треба да остане во чекор со трендот на ЧетГПТ, бидејќи значително ќе ја подобри продуктивноста, а со тоа ќе ја зајакне конкурентноста на земјата. Тој исто така истакна дека „сè уште е рано да се грижат за ризиците поврзани со вештачката интелигенција“.
Шен Ду, извршен потпретседател на „Баиду“, смета дека генеративната вештачка интелигенција ќе резултира со нови професии и предвидува дека 50 отсто од луѓето ќе дејствуваат како „инструктори“ во иднина за да ја водат вештачката интелигенција во извршувањето на задачите. Како резултат на тоа, исчезнувањето на некои работни места сигурно ќе создаде нови.
Ан Хуи, заменик-главен инженер во компанијата за истражување на пазарот „ЦЦИД консалтинг“, рече дека технологиите поврзани со вештачката интелигенција добиваат на интензитет во Кина и нивната употреба се забрзува во широк опсег сектори, вклучувајќи ги здравството, транспортот, финансиите, производството и земјоделството. Тој додаде дека треба да се направат поголеми напори за да се засилат надградбата и употребата на најсовремените технологии, како што се интелигентни чипови, рамки за длабоко учење, клучни алгоритми и процеси на природен јазик, како и да се забрза интеграцијата на вештачката интелигенција со 5Г, големи податоци, обработка на податоци во облак и блокчејн-технологии.
Лу Гуанан, аналитичар во истражувачката компанија „Форестер“, истакна дека конкуренцијата во секторот за четботови со вештачка интелигенција се вжештува и компаниите што првично лансираа големи јазични модели со вештачка интелигенција ќе имаат некои предности во добивањето корисници и истражувањето на сценаријата на апликациите. Лу додаде дека треба да се направат повеќе напори за подобрување на капацитетите за обработка на природниот јазик и доверливоста на генерираната содржина.
Подготвил: Mарјан Велевски