Советот на ЕУ денеска за уште 6 месеци, до 31 јануари 2026 година, ги продолжи економските рестриктивни мерки на Унијата воведени поради континуираните активности на Русија насочени кон дестабилизација на состојбата во Украина.
Овие санкции опфаќаат широк спектар на секторски мерки, кои вклучуваат ограничувања во трговијата, финансиите, енергијата, технологијата, стоките со двојна намена, индустријата, транспортот и луксузните стоки.
Тие, исто така, опфаќаат забрана за увоз или трансфер на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, исклучување на неколку руски банки од СВИФТ системот и суспензија на активностите и акредитациите на неколку медиуми поддржани од Кремљ. Дополнително, пакетот опфаќа и специфичните мерки за справување на заобиколувањето на санкциите.
– Доколку со илегалните активности на Руската Федерација продолжи кршењето на основните правила на меѓународното право, вклучително, пред се, на забраната за употреба на сила, соодветно ќе останат во сила сите мерки воведени од ЕУ и доколку е потребно ќе бидат преземени и дополнителни мерки – се наведува во соопштението на Советот.
Овие економски мерки беа воведени на 31 јули 2014 година, по што беа значително проширени од февруари 2022 година како одговор на руската агресија врз Украина.