Европската комисија денеска излезе со препораката за почеток на преговорите со Украина и Молдавија за пристапување во ЕУ, а Грузија да добие статус на земја кандидат за членство, јавија светските агенции.
– Го усвоивме нашиот пакет за проширување за 2023 година, кој препорачува да се отворат преговорите со Украина и Молдавија, да и се даде кандидатски статус на Грузија и да се отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност – соопшти Комисијата.
Комисијата, меѓутоа, како услов за официјален почеток на преговорите со Украина и Молдавија постави исполнување на голем број критериуми, вклучувајќи и во областа на борбата против корупцијата.
Во својата препорака за Украина, комисијата ја пофали Украина за нејзиниот напредок во услови на војна со Русија, иако рече дека треба да се решат некои недостатоци во процесот на членство.
– И покрај тековната војна, Украина покажа решителност во постигнувањето значителен напредок во создавањето моќна реформска динамика – се вели во извештајот.
Слична порака од Брисел доби и соседна Молдавија.
– Молдавија стабилно напредуваше во исполнувањето на 9-те чекори утврдени во нејзината апликација за членство, вклучително и сеопфатни реформи за правосудството, антикорупцијата и јавната администрација – се вели во соопштението на ЕК.
Молдавската претседателка Маја Санду го пофали извештајот на ЕУ, велејќи дека нејзината земја е „цврсто на патот за членство во ЕУ и ние ќе продолжиме немилосрдно да работиме кон оваа цел“.
Во меѓувреме, Грузија доби препорака за добивање кандидатски статус бидејќи „презеде чекори за зајакнување на ангажманот со ЕУ и зголеменото темпо на реформите во последните месеци за да одговори на 12-те приоритети идентификувани во нејзината апликација за членство“.
– Се радувам со народот на Грузија и ја поздравувам позитивната препорака на Комисијата на ЕУ за доделување кандидатски статус – напиша грузискиот претседател Саломе Зурабишвили во објава на X, поранешен Твитер.
Британските медиуми препораката ја опишуваат како важна пресвртница на патот на Украина кон интеграција во западниот блок и истовремено како геополитички гамбит за Западот, бидејќи оваа поранешна советска република веќе речиси две години е во војна со соседна Русија, која ја нападна на 24 февруари минатата година.