Египет достави меморандум до Меѓународниот суд на ОН во кој го обвинува Израел за нелегални практики на палестинските територии.
Меморандумот ги отфрла израелските политики на прогон, расна дискриминација и други практики, кои грубо ги кршат принципите на меѓународното хуманитарно право и човековите права, изјави директорот на египетската Државна информативна служба, Дија Рашван.
Тој додаде дека Египет ќе ги изнесе своите аргументи усно пред високиот суд на ОН на 21 февруари.
Меморандумот и неговото образложение ја потврдуваат одговорноста на Израел „за сите оние меѓународно незаконски дејствија кои бараат итно повлекување на Израел од окупираните палестински територии, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, и компензација на Палестинците, посочи Рашван.
Во 1979 година, Египет стана првата арапска земја што потпиша мировен договор со Израел. Сепак, односите меѓу двете земји достигнаа најниска точка поради актуелната израелска воена операција во Појасот Газа, кој граничи со Египет.
Каиро стравува дека претстојниот израелски напад врз пограничниот град Рафа може да предизвика бран бегалци кон египетскиот Синајски Полуостров.
Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации на 16 февруари го отфрли итното барање на Јужноафриканската Република да ја преиспита законитоста на планираната израелска воена офанзива во Рафа, тврдејќи дека тоа прашање било опфатено со претходна судска одлука.
Во јануари, во прелиминарната одлука за случајот што го поведе Јужна Африка, судиите му наложија на Израел да го спречи геноцидот во Појасот Газа и да направи сè што е во негова моќ за да ги заштити животите на Палестинците.