Абу Даби ќе му плати на Каиро за развој на областа Рас ел Хекма, и тоа во рок од два месеца, а средствата ќе бидат наменети за ублажување на економската криза во Египет

Мегапроект на Медитеранот: Се раѓа нов град

Египет се согласи на договор од 35 милијарди долари со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за развој на областа Рас ел Хекма, на нејзиниот северозападен брег, објави во петокот египетскиот премиер Мостафа Мадбули, по неколкунеделни шпекулации во медиумите. Премиерот Мадбули на прес-конференција, на која присуствуваа египетски и претставници на Емиратите, рече дека Египет ќе добие аванс од 15 милијарди долари наредната недела и уште 20 милијарди долари во рок од два месеца.
Договорот е најголемата странска директна инвестиција во проект за урбан развој во модерната историја на земјата, рече премиерот на Египет, Мостафа Мадбули. Тоа е партнерство меѓу египетската влада и емиратски конзорциум предводен од „Еј-ди-кју“, рече тој.
Вестите за продажбата предизвикаа осуда од критичарите на Владата, кои рекоа дека земјата е една од највредните крајбрежни локации во Египет и дека треба да ја развијат локални инвеститори.
Но Мадбули одговори дека египетската држава ќе има 35 отсто удел од профитот од овој проект, иако тоа е приватна инвестиција со најголем дел од акциите на конзорциумот на ОАЕ. Тој рече дека површината на проектот Рас ел Хекма е 170 милиони квадратни метри и ќе вклучува станбени населби, туристички одморалишта, училишта, универзитети, индустриска зона, централна финансиска и деловна област, меѓународна марина за туристички јахти и меѓународен аеродром јужно од градот.
Мадбули рече дека договорот ќе вклучува 11 милијарди долари веќе депонирани од ОАЕ во Централната банка, износ што ќе биде претворен во грант. Тој додаде дека проектот ќе ја ублажи економската криза во земјата.
Во врска со судбината на сегашните жители на областа Рас ел Хекма, Мадбули рече дека тие ќе бидат преместени во други области и ќе им биде обезбеден финансиски надомест, бидејќи жителите, наводно, изразиле страв од принудно иселување.
Коментирајќи го договорот, египетскиот деловен моќник Нагиб Савирис рече дека тој ќе придонесе за решавање на актуелната економска криза со „привлекување девизи, создавање работни места и стабилизирање на девизниот курс“.
По објавувањето на зделката, цената на американскиот долар на паралелните пазари падна за пет египетски фунти, достигнувајќи 57, во споредба со 62 во четвртокот, објави државната веб-страница „Каиро24“.
Египет во моментов е во преговори со Меѓународниот монетарен фонд за спасувачки договор, кој се очекува да надмине 10 милијарди долари. Се очекува да биде проследено со девалвација на валутата за да се совпадне со стапките на црниот пазар – речиси двојно повеќе од официјалната стапка од 31 египетска фунта за американски долар.
Мадбули во петокот рече дека Каиро сега е „многу, многу малку чекори“ до постигнување договор со ММФ, по инвестициите во Рас ел Хекма.
Калед Икрам, економист и поранешен директор на одделот за Египет на Светската банка, рече дека договорот треба да ја подобри позицијата на Египет во разговорите со ММФ.
– Ако работите одат како што е најавено, овој настан треба да ја зајакне позицијата на египетските власти во преговорите со ММФ – изјави тој за „Мидл ист ај“.
Тој додаде дека договорот треба „да ги олесни стравувањата од неисполнување на надворешните обврски на Египет“, како и „да ги увери доверителите и инвеститорите дека треба да престанат да зборуваат за слабеење на поддршката за економијата на Египет од земјите од Заливот“.
Египет, дом на повеќе од 109 милиони луѓе, се бори со тешка економска криза, со рекордна инфлација и недостиг од девизи. Во август, годишната инфлација во Египет достигна близу 40 отсто, според официјалните податоци, потопувајќи многу Египќани близу или под линијата на сиромаштијата. Повеќе од половина од населението веќе било под прагот на сиромаштија или блиску до прагот на сиромаштија пред актуелната криза. Надворешниот долг се зголеми за четири пати, достигнувајќи 164 милијарди долари во текот на речиси 10-годишното претседателствување на претседателот Абдел Фатах ел Сиси. Сервисирањето на долгот во моментов троши најголем дел од годишните расходи на државата.
Вкупните девизни резерви на Египет се 35 милијарди долари. Според египетската централна банка, односот на краткорочните долгови кон девизните резерви во 2022 година поминал 80 отсто, двојно повеќе од 2021 година.