Виктор Медведчук/Фото: Инстаграм - Владимир Зеленски

Украина соопшти дека 215 украински и странски државјани биле ослободени од Русија во размена на заробеници, вклучувајќи ги борците што ја предводеле одбраната на челичарницата „Азовстал“ во Мариупол, пренесуваат светските медиуми.

Русија пак, добила назад 55 затвореници, вклучувајќи го Виктор Медведчук, кој се смета за сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, како што соопшти украинскиот претседател Владимир Зеленски. Станува збор за најголемата размена помеѓу завојуваните страни уште од почетокот на оружените судири во февруари.

Медведчук беше упасен во Украина во април, откако избега од куќен притвор, врз основа на обвиненија за предавство. Зеленски тогаш предложи Медведчук да биде разменет за украински воени заробеници, но Кремљ ја одби понудата.

Во мај, борците од украинскиот полк Азов се предадоа по опсада на фабриката во која се наоѓаа, по што беа пренесени на територија под контрола на Русија. Зеленски соопшти дека петмина воени командири, вклучувајќи ги водачите на одбраната на „Азовстал“, биле пренесени во Турција во рамки на операцијата договорена со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во спогодбата биле вклучени и петмина Британци и двајца Американци што биле пренесени од Русија во Саудиска Арабија.

Медведчук (67) е адвокат и богат бизнисмен што извршувал повеќе политички функции од 90-те години на минатиот век. Тој бил во куќен притвор минатата година под обвиненија за предавство и финансирање на тероризам, кои ги негира. Контроверзниот политичар родум од Русија поминал неколку дена во бегство по отпочнувањето на воените дејствија во Украина во февруари, пренесува „Ројтерс“.

Медведчук честопати беше фотографиран со Путин, кого го опишува како личен пријател и кум на неговата најмлада ќерка Дарина. Во текот на политичката кариера Медведчук бил шеф на кабинетот на украинскиот претседател Леонид Кучма од 2002 до 2005 година, истакнувајќи се како противник на прозападниот наследник на Кучма, Виктор Јушченко, но и како близок соработник на Виктор Јанукович, последниот проруски претседател на Украина, кој избега во Русија по падот од власт во 2014 година.

Украинскиот магазин „Фокус“ во 2008 година го процени богатството на Медведчук на 460 милиони долари, наведувајќи дека е стекнато со инвестиции во енергетиката и во медиумите.

За време на конфликтот во источна Украина во 2014 година, Медведчук учествувал во мировните преговори, како член на украинскиот преговарачки тим за размена на заробеници. Истата година САД му воведоа санкции поради неговата наводна улога за време на руската анексија на Крим. Минатата година и Украина му наметна санкции поради наводната вмешаност во финансирањето на тероризам. Тој ги негираше обвиненијата.