Sidnej pukanje
Фото: ЕПА

Најмалку 12 лица се убиени кога две вооружени лица отвориле оган на плажата Бонди во Австралија, соопштија полициските сили на Нов Јужен Велс додавајќи дека еден од осомничените е исто така убиен.

Според полицијата, во пукањето повредени се уште 29 други лица, а меѓу нив двајца се полицајци.

– Вториот наводен стрелец е во критична состојба – соопшти полицијата.

Првичните информации беа дека се убиени 10 лица, меѓу кои и напаѓачот, а оти 11 се повредени. Но, комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, подоцна соопшти нови бројки.

Ланион, исто така, рече дека полицијата пронашла импровизирана експлозивна направа во автомобил на плажата Бонди, а кој е поврзан со починатиот напаѓач.

– На местото на настанот е испратена единица за спасување и деактивирање бомби“ – рече тој.

Тој пукањето на плажата Бонди во Австралија рече дека е прогласено за терористички инцидент и оти полицијата истражува дали имало трет сторител вклучен во нападот.

Првата пријава за пукање, полицијата ја добила околу 18.45 часот.

Полицијата во својата прва порака на социјалните мрежи ја повика јавноста да ја избегнува областа, а на секој што се наоѓал таму му било кажано да побара засолниште.

– Две лица се во полициски притвор на плажата Бонди, сепак, полициската операција е во тек и ние продолжуваме да ги повикуваме луѓето да ја избегнуваат областа – соопшти полицијата.

Зборувајќи на прес-конференција, премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, потврди дека пукањето на плажата Бонди било насочено кон еврејската заедница во Сиднеј.

– Овој напад бил наменет да ја таргетира еврејската заедница во Сиднеј. На првиот ден од Ханука, она што требаше да биде ноќ на мир и радост прославена во таа заедница со семејствата и поддржувачите беше разбиено од овој ужасен, злобен напад – рече Минс.

Од видеата што се споделуваат на социјалната мрежа Икс може да се види луѓе на плажата Бонди како бегаат додека се слушаат повеќе истрели и се вклучуваат полициски сирени.

На друго видео се гледа како двајца мажи се легнати на земја на мал пешачки мост од страна на униформирани полицајци. Може да се видат полицајци како се обидуваат да реанимираат еден од мажите.

Полицијата бара од секој што има снимка од мобилен телефон или автомобилска камера да им ја испрати.

Службата за брза помош на Нов Јужен Велс потврди дека 18 лица се во болница, а болничарите сè уште ги лекуваат другите на местото на настанот. Состојбата на 18 хоспитализирани лица не е објавена.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави за медиумите дека се случил ужасен терористички инцидент на плажата Бонди во Сиднеј и дека станува збор за целен напад врз Евреите во Австралија на првиот ден од прославата на Ханука, пренесе „Ројтерс“.

Тој додаде дека полицијата и безбедносните агенции прават сè што можат за да ги пронајдат сите поврзани со пукањето.

 – Злото што денес беше ослободено на плажата Бонди е неразбирливо, а траумата и загубата со која семејствата се справуваат вечерва е над најлошиот кошмар на секого – рече Албанезе.

 – Нашите мисли се и со сите оние кои се опоравуваат од повредите, од кои многумина сега се живи благодарение на храброста и брзата акција на полицијата и службите за итни случаи на Нов Јужен Велс кои брзаа да им помогнат, и храброста на обичните Австралијанци кои се ставија во опасност без двоумење за да ги заштитат своите сонародници Австралијанци – рече австралискиот премиер.

Тој рече дека ова е мрачен момент за австралиската нација.

На плажата Бонди за време на пукањето се одржувал настан по повод првиот ден од еврејската прослава на Ханука.