Болниците во Цирих примија 9,3 метри квадратни донорска кожа за жртвите од пожарот во барот во швајцарскиот ски-центар Кран Монтана, соопшти холандската банка за ткива која ја изврши доставата. Кожа од починати донори е доставена и во Лајпциг, каде се лекуваат тројца од настраданите во пожарот.
Портпаролот на банката за ткива „ETB-BISLIFE“ информираше дека пратката е веќе распределена во Универзитетската болница и Детската болница во Цирих. Тој изрази благодарност до швајцарските царински власти за брзата соработка која овозможила кожата да биде обработена без никакви одложувања.
Донорската кожа се користи како привремен заштитен слој за раните на пациентите со тешки изгореници, помагајќи во спречувањето на инфекции и лекувањето додека не се изврши трајно пресадување на сопствена кожа.
Пожарот во барот „Констеласион“, кој се случи во раните часови на 1 јануари, однесе 40 животи, а 116 лица се повредени. Според официјалните податоци, половина од загинатите се малолетници.
За утре во Швајцарија е прогласен Ден на национална жалост. Граѓаните се повикани да им оддадат почит на жртвите со молк точно во 14:00 часот по локално време. На официјалната комеморативна церемонија во кантонот Вале се очекуваат над 1.000 присутни, меѓу кои и делегации од над 30 држави. Учеството на церемонијата го потврдија и претседателите на Италија и на Франција, Серџо Матарела и Емануел Макрон.
































