Доколку се појават недостиг од храна и глад, логично е, како што сведочи и историјата, дека ќе следуваат политичка нестабилност, миграции, конфликти и судири, најпрвин локално, а потоа и од поголеми размери. Политичките превирања најчесто се случуваат кога ќе се јави недостиг од храна, а многу аналитичари ја истакнуваат улогата на недостигот од храна како фактор во револуциите на Арапската пролет пред една деценија. Европскиот комесар за земјоделство Јануш Војчеховски предупреди дека кризата со храна дополнително може да „го зголеми миграцискиот притисок врз Европа“, а Џордан Кокс, шефот за комуникации за Светската програма за храна на ООН, ја означи 2022 година како „година на катастрофален глад“
Украинската војна е „влезот на мала врата“ за светски недостиг од храна
Деновиве јавноста беше изненадена од сознанието дека Светската програма за храна на ООН набавила повеќе од половина од своите резерви за гладните низ светот во 2021 година токму од Украина. Сега, кога Украина како „житница на Европа“ е исфрлена од синџирите на снабдување и мрежите за помош, светот веднаш го почувствува тоа.
Војната меѓу двете држави, кои се и двата големи светски центри за производство на храна, односно Русија и Украина, веќе ги зголеми цените на житните производи, особено на пченицата. Европските влади, пак, се обидуваат да ги стабилизираат овие цени на пазарите. А европските земјоделци се подготвуваат за уште повисоки трошоци, затоа што и продуктите како на пример ѓубривата, кои влегуваат во цената на житните производи, енормно се покачуваат. Трошоците ќе се зголемат, особено за артиклите како што е сончогледовото масло.
Меѓутоа, сликата е уште поалармантна во земјите во развој, особено на Блискиот Исток и во Северна Африка, каде што државите се веќе погодени од суши и би можеле да се соочат со многу повисоки цени, и тоа за основните прехранбени производи како што е лебот. Доколку се појават недостиг од храна и глад, логично е, како што сведочи и историјата, дека ќе следуваат политичка нестабилност, конфликти и судири од поголеми размери.
Зголемување на цените на храната
Порталот „Политико“ направи анализа на неколку аспекти што можат да влијаат и глобално и тектонски.
Имено, Украина е огромен извозник на стоки како пченица, пченка и сончогледово масло, но руската воена операција значи дека целата трговија сега е во застој. Бродовите за снабдување на светскиот пазар за храна не можат да ги напуштат пристаништата на Црно Море. Тоа веќе има големо влијание, при што цената на житото и маслодајните семиња се искачи на рекордно високо ниво, бидејќи трговците се загрижени за тоа колку долго ќе трае овој застој. ЕУ добива од Украина повеќе од половина од увозот на пченка, околу една петтина од увозот на мека пченица и речиси четвртина од увозот на растително масло. Според Олег Нивиевски, доцент на Економската школа во Киев, „во најлошото сценарио, нема да има извоз од овој регион за неколку години“.
А земјоделците што произведуваат или одгледуваат храна во ЕУ, веќе го чувствуваат „данокот од поскапувањата на енергијата и инфлацијата поврзани со пандемијата“. Така, на преработувачите на храна во ЕУ ќе им биде поскапо да дојдат до суровини, додека европските земјоделци треба да плаќаат уште повеќе за ѓубрива за да ги задржат високите приноси. Цената на вештачките ѓубрива веќе се зголеми за 142 отсто во споредба со ова време минатата година.
Што ќе предизвика недостигот од сончогледово масло
Унијата увезува половина од украинското производство на сончогледово масло, кое може да се најде во сè, од печена, конзервирана и готова храна, до намази, сосови и супи. Широко се користи и во кондиторски производи и е состојка што тешко се заменува во храната за бебиња. Натали Лекок, генерална директорка на ФЕДИОЛ, асоцијацијата за рафинерии на растително масло во ЕУ што ја снабдуваат прехранбената индустрија, рече дека „украинскиот конфликт очигледно ќе предизвика прекини во снабдувањето, бидејќи Европа во голема мера зависи од редовните испораки на украинско масло од сончоглед и во овој момент навистина постои загриженост за достапноста.
Рубен Морено, шеф на шпанската групација за кондиторска индустрија „Продулсе“, рече дека нивните резерви се изложени на ризик да бидат истрошени за само две-три недели и предупреди дека „екстремната важност“ на Украина како глобален снабдувач на сончогледово масло значи дека последиците ќе се прошират далеку надвор од шпанскиот сектор за слатки и печива. Тој додаде дека со сегашниот развој на настаните, целата европска и глобална прехранбена индустрија се бори да ги добие резервите на сончогледово масло и истакна дека додека трае потрагата по алтернативни масла, „сепак ни тоа не би било доволно да се надомести загубата на украинското масло“. Угостителскиот сектор исто така се најде изложен на удар, бидејќи се потпира на сончогледово масло за приготвување на храната. Арно Дуфур, шефот на „Сервинг Јуроп“, кој ги застапува синџирите за брза храна како „Мекдоналдс“, „Старбакс“ и „Бургер кинг“, рече дека повеќето ресторани ќе го почувствуваат првиот удар од недостигот од сончогледово масло, а месото од живина најверојатно ќе биде следно, поради порастот на цената на добиточната храна.
Каде може недостигот од храна да отвори кризни жаришта во светот?
Зголемените цени на житото предизвикуваат пошироки стравови дека милиони најсиромашни луѓе во светот ќе се борат да се прехранат. Во непосредната кризна зона се земји што се неверојатно зависни од Украина и од Русија, како Египет, Тунис, Алжир, Мароко, Либан и Турција. Според истражувањето на „Галуп“, неверојатни 48 отсто од увозот на пченица во Алжир доаѓаат од Украина. Тие земји ќе мора да се свртат кон другите земји извозници за да купат жито, што дополнително ќе ги зголеми глобалните цени. Двете завојувани земји се едни од главните житници, со тоа што сочинуваат 29 отсто од глобалниот извоз на пченица, а лебот е основна храна во многу од сиромашните земји што ги обезбедуваат со храна.
Но причина за загриженост немаат само земјите директно зависни од Украина или од Русија. Зголемувањето на цените на храната на глобално ниво ќе влијае на сите сиромашни и помалку сигурни земји за храна, од Бангладеш и Мадагаскар до Јемен. Според Матин Каим, професор по земјоделска економија на Универзитетот во Бон, цените на житото се зголемија за 50 отсто во првите две недели од конфликтот. Професорот во јавноста објаснува и дека трговците се обидуваат да ги заменат културите како пченицата со други производи, како што е оризот или јачменот. Џордан Кокс, шефот за комуникации за Светската програма за храна на ООН, ја означи 2022 година како „година на катастрофален глад“.
Политичките превирања најчесто се случуваат кога ќе се јави недостиг од храна, а многу аналитичари ја истакнаа улогата токму на недостигот од храна како фактор во револуциите на Арапската пролет пред една деценија. Европскиот комесар за земјоделство Јануш Војчеховски предупреди дека кризата со храна дополнително може да „го зголеми миграцискиот притисок врз Европа“. Следниот голем тест за безбедноста на храната во светот ќе се случи летово, кога, исто како и во ЕУ, украинските земјоделци ќе ги собираат своите посеви. Ако тие се бореа на фронтот или целосно ги изгубија земјоделските површини, тогаш може да се очекува мрачно сценарио.
Франција ја искористи кризата за да истакне дека била во право за проектот „стратегиска автономија на Европа“
Во светот почнаа да се зголемуваат стравовите поради недостигот од храна и гладот, па следствено на тоа се појави феноменот на „трупање храна“ и трговски расправии. Министрите на Г7 се собраа неодамна за да испратат итна порака за важноста да не се наметнуваат трговски бариери во време на тешки пазарни турбуленции. Но немаше секаде ист слух за апелот. Унгарија воведе дополнителни контроли на извозот на жито, додека тврдеше дека овој потег не значи целосна забрана за извоз, меѓутоа тоа наиде на остра осуда од Европската комисија. Во меѓувреме, Турција, Аргентина и Србија, покрај Украина и Русија, исто така воведоа забрани за извоз. Професорот Каим од Универзитетот во Бон рече дека ако големите извозници го прават тоа, тогаш цените во остатокот од светот на меѓународните пазари ќе се зголемуваат многу повеќе и тоа ќе им наштети на земјите зависни од увоз на храна.
Во меѓувреме, Франција ја искористи кризата за да тврди дека цело време била во право што ја водела својата агенда за „суверенитет на храната“ за да се зајакне капацитетот на Унијата самата да може да обезбедува храна од внатрешни ресурси, наместо да се потпира на целата сточна храна од Украина, бразилската соја и руските ѓубрива на база на азот. Во текстот на декларацијата што лидерите на ЕУ ја потпишаа на состанокот во Версај минатата недела, тие ветија дека ќе го зајакнат сопственото производство на растителни протеини во блокот што е традиционална слаба точка на силно субвенционираниот земјоделски систем на ЕУ.
Зелената агенда под прашање: Приоритет на производството на храна наместо заштитата на природата?
Војната во Украина може да значи повлекување на големите амбиции на Европа да го исчисти влијанието на земјоделството врз климата и животната средина. Помалку пченка од Украина значи помалку сточна храна за животните во Европа оваа година, како и повисоки цени на добиточната храна за европските земјоделци, кои веќе се борат да врзат крај со крај. Голем дел од таа украинска сточна храна традиционално доаѓа преку пристаништата на Црно Море, кои сега се блокирани.
Стравувањата од недостигот од добиточна храна ги поттикнаа повиците за одложување или дури и целосно преиспитување на историските планови на ЕУ за одржливост за земјоделскиот сектор. Европската комисија го разгледува предлогот на мнозинството министри за земјоделство на ЕУ привремено да се укине барањето да се остави дел од обработливо земјиште надвор од производство за да се помогне во зајакнувањето на заштитата на природата, а наместо тоа да се користи за одгледување добиточна храна. Но ова предизвика остри критики од Зелените, кои тврдат дека ова е идеална можност да се намали количеството ресурси што се предаваат на месната и млечната индустрија. Наведените планови на Комисијата за поддршка на (не толку зеленото) свињарство, кое е една од главните земјоделски гранки што е притисната од зголемената цена на житото, исто така предизвика бурни реакции, вклучувајќи и од економски полибералните скандинавски земји.