Фото: ЕПА

Во американските медиуми изминатиот викенд беше проследена веста дека „Вашингтон се подготвува за можно сценарио во кое конфликтот во Украина би траел со години, па дури и децении, и би личел на ситуацијата на Корејскиот Полуостров“. Изворите за „Политико“ го нарекоа ова сценарио „замрзната војна“, во која „двете страни се обидуваат да си нанесат огромни жртви една на друга, со надеж дека другата страна ќе го признае поразот“

Во игра ново сценарио за судирот во Украина

Според американските медиуми, различни американски државни агенции вклучувајќи ја и Белата куќа, интензивно анализираат сценарија за тоа како може да се одвиваат настаните во Украина. Едно од реалните сценарија, кое беше обелоденето во медиумите, е т.н. долгорочна „замрзната војна“. Во сценариото сѐ уште се анализираат линиите на разграничувањето што Русија и Украина би се согласиле да не ги преминат. Овие линии, според сценариото, не мора нужно да бидат државни граници.

Корејски рецепт за украинскиот судир

Според ставот на „Политико“, „ова сценарио е најреално и најверојатно, бидејќи ниту една страна нема намера да го признае поразот, додека Белата куќа смета дека претстојната украинска контраофанзива нема да ѝ зададе решавачки удар на Русија“. Покрај мислењето на „Политико“, токму во контекст на ова сценарио, шефот на украинското воено разузнавање Кирил Буданов деновиве ја претстави идејата за 100 километри „демилитаризирана зона“ меѓу Русија и Украина.
Разгледувајќи го сценариото за „замрзната војна“, повеќе американски аналитичари изјавија дека „корејската војна може да послужи како модел за развој на украинскиот конфликт“. Имено, активната фаза на тој конфликт заврши со прекин на огнот во 1953 година, но дури и сега, 70 години подоцна, двете Кореи сè уште официјално ја немаат прогласено војната за завршена.
„Затворањето во корејски стил е секако нешто за што разговараа експерти и аналитичари внатре и надвор од нашата влада“ кога станува збор за Украина, изјави за јавноста поранешен функционер на администрацијата на Бајден. „Ова е веројатно, бидејќи ниту една страна не треба да признае какви било нови граници и единственото нешто што треба да се договори е да престане да пука по поставената линија“, изјави функционерот за медиумите.

Долгорочно планирање наспроти итни и краткорочни планови

Според изворите на „Политико“, од неодамна „долгорочното планирање станува сè поголем приоритет на политичкиот врв на САД“, а до скоро „сѐ повеќе се работеше на итно и краткорочно планирање“. Но аналитичарите нагласуваат дека „дури и самата идеја за долгорочно планирање може да предизвика стравувања во Киев за тоа дали САД ќе продолжат да ѝ помагаат на Украина – особено ако се земе предвид дека многу американски републиканци имаат намера да ја намалат поддршката за Украина во иднина“.
Неофицијални американски високи извори во администрацијата на Бајден изнеле мислење за „Политико“ дека „конфликтот ќе остане уште долго време, а американската администрација има намера да продолжи да испраќа оружје и помош за Украина со цел да ги ’истурка’ руските сили од што е можно поголема територија“. Истите извори тврдат и очекуваат дека „конфликтот ќе продолжи и по очекуваната украинска контраофанзива“. Во тој контекст, тие сѐ повеќе се согласуваат со проекцијата на „војна до исцрпување“, при што двете страни се обидуваат да си нанесат огромни жртви една на друга, со надеж дека другата страна ќе го признае поразот.
Сепак, според анализата на „Политико“, „колку подолго трае конфликтот, толку повеќе ќе има притисок врз Русија и Украина, како внатрешно, така и од други земји“. Имено, страните ќе бидат принудени да се согласат на прекин на огнот, примирје или некој друг правен начин за ставање крај на конфликтот.