Поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон тврди:
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обидува да ги постави основите за излегување на САД од Северноатлантскиот договор (НАТО), вели еден од поранешните советници на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон.
Овој став беше децидно изнесен во интервју за „Политико“ од страна на Џон Болтон, проследен со изјавата дека „уште во 2018 година Трамп речиси донел одлука да го повлече Вашингтон од НАТО“!
Коментарот на поранешниот советник на Трамп за национална безбедност се однесуваше на неодамнешните изјави на Трамп за условната американска воена помош за Европа во случај на војна со Русија, што предизвика бурна реакција низ Западот.
Во исто време, Болтон го повтори своето мислење дека во 2018 година Трамп речиси донел одлука да го повлече Вашингтон од НАТО.
– На самитот на НАТО во 2018 година, тој беше многу блиску да го напушти НАТО токму на самитот. Така, за мене, секој коментар што го даде во (последните) шест години едноставно потврдува дека тој е многу сериозен за напуштање на НАТО. Луѓето велат, добро, не е сериозен, се пазари со НАТО. Видете, јас бев таму кога тој за малку ќе се повлечеше, а тој не се пазари бидејќи неговата цел овде не е да го зајакне НАТО, туку да постави основа за повлекување – изјави Болтон.
Трамп дециден за односите на САД со НАТО и на предизборните митинзи
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, на 10 февруари на предизборен митинг во Јужна Каролина потсетил за една од неговите средби со лидерите на земјите од НАТО додека бил претседател на САД. Во таа пригода еден од неговите странски колеги го прашал дали САД се подготвени да ја бранат алијансата во случај на наводна можна закана од Русија, доколку некој од сојузниците не плати придонеси за колективна одбрана на НАТО. Трамп одговорил дека нема да брани таква земја и дека дури ќе ја охрабри Русија да „прави што сака“. Поранешниот претседател не прецизира кога, каде и со кого се водел тој разговор.
Ваквиот негов став потврдува дека Трамп нема намера да се повлече и да го смени мислењето, што уште еднаш во Европа го актуализира прашањето дали НАТО може да опстане без САД.
Доналд Туск: Роналд Реган мора да се превртува во својот гроб
Француски „Монд“ во својот осврт потсетува на случувањата по законодавната блокада од страна на Републиканска партија во САД, во врска со американската помош за Украина. Имено, лидерот на Полска, премиерот Доналд Туск, „конечно гласно го кажа она што многумина во Европа тивко го размислуваат, откако Конгресот уште еднаш го блокира пакетот за воена помош од 60 милијарди долари (околу 56 милијарди евра) за Киев“.
Туск во четвртокот, 8 февруари, напиша: „Почитувани републикански сенатори на Америка, Роналд Реган, кој ни помогна на милиони од нас да ја вратиме нашата слобода и независност, денеска мора да се превртува во својот гроб“.
Во врска со вака искажаниот став, реномираниот „Ројтерс“ укажува дека „е особено важно е да се земе предвид огромниот напор за еден полски политичар поради осудувањето на неморалното однесување од страна на САД, многу почитуваниот сојузник на Варшава“.
И како тоа да не беше доволно, па откако во саботата (10 февруари) Трамп изјави дека ќе го прекрши ветувањето на САД дека ќе ги заштитат своите европски сојузници доколку тие не ги зголемат буџетите за одбрана, следуваше уште полоша изјава. Во еден од оние слогани што ги повторува на изборните митинзи, тој ја охрабри Русија „да прави што, по ѓаволите, сака“.
На ова во вторникот (13 февруари) огорчено реагираше актуелниот претседател и веројатен противкандидат на Трамп на следните избори: „Ниту еден друг претседател во нашата историја никогаш не му се поклонил на руски диктатор. За волја на бога, тоа е глупаво, срамно е, опасно е, неамериканско“.
Превирањата продолжуваат, а едно од прашањата на тапет е и односот на САД кон НАТО во годините што следуваат.
Кој е Џон Болтон?
Џон Болтон беше помошник на Трамп за национална безбедност само кратко време во 2018-2019 година, кога имаше особено актуелна криза во Венецуела поврзана со опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој беше набрзина признаен од САД за претседател на таа земја, а по кој следеа бројни европски земји.
Инаку, Болтон се смета за еден од најтврдокорните јастреби во рамките на Републиканската партија, оценуваат неговите критичари. Од 2001 до 2005 година беше заменик-државен секретар за контрола на вооружувањето и меѓународна безбедност.
Медиумите потсетуваат дека своевремено тој дури се залагаше за американски нуклеарен напад врз Иран. Како што проценува „Геополитика њуз“, начинот на размислување од Студената војна никогаш не го напуштил Болтон, што, очигледно, добро му доаѓа во сегашното време на исклучително опасни глобални геополитички борби и процеси. Искуството во таа борба сигурно не му недостига.