Погребните ритуали за иранскиот претседател Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерската несреќа ќе се одржат денеска во Табриз, главниот град на Источен Азербејџан.
Телото на Раиси подоцна ќе биде пренесено во Техеран, пред да биде погребано во неговиот роден град Машхад во североисточниот дел на Иран.
Според извештаите на иранската новинска агенција Тасним, по меморијалната церемонија во Табриз, во 16 часот по локално време ќе се одржи уште една во градот Ком, осум километри југозападно од Техеран. Утре во Техеран ќе се одржи погреб со почести, по што неговото тело ќе биде пренесено во Машхад.
Иранските медиуми објавија видео на кое се гледаат ковчезите на Реиси и Абдолахиан поставени еден до друг и покриени со национални знамиња.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи вчера прогласи петдневна жалост по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси.
Раиси зад себе остави сопруга и двете ќерки.
Хеликоптерот со Раиси и Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, во областа Верзеган, а покрај нив двајца загинаа уште неколку лица.
Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери, назначи делегација која ќе го истражува случајот со хеликоптерската несреќа во која беше жртва претседателот на Иран Ебрахим Раиси.
Истрагата која веќе започна на местото на инцидентот ја води генералот Али Абдолах, а резултатите ќе бидат објавени по истрагата, пренесува ИРНА.