Сликата од самитот беше врамена со изјавите на лидерите на Индија и на Кина дека тие сакаат да соработуваат со Русија. Но, исто така, беше ставено јасно до знаење дека тие не сакаат да одат дотаму да ги загрозат своите државни, пред сѐ, економски односи со Западот, па да потпаднат под санкции што би го загрозиле функционирањето на нивниот финансиско-банкарски и индустриски сектор

ОД САМИТОТ ВО УЗБЕКИСТАН ОДЕКНАА КРИСТАЛНО ЧИСТИ АНТИВОЕНИ ПОРАКИ

Неодамна одржаниот самит на Шангајската организација за соработка (СПЦ) во Самарканд, Узбекистан, ѝ го привлече вниманието на светската јавност затоа што на едно место беа собрани лидерите на земјите што ја опфаќаат половина од Земјината популација, па оттаму со нетрпение се очекуваа нивните изјави, како и реакциите во врска со нив. Разбирливо, реакциите се дијаметрално спротивни, во зависност кој ги изнесува, но во секој случај како доминантна изјава се наметнува онаа на индискиот премиер Нарендра Моди. Имено, индискиот лидер веќе на почетокот на разговорот му рекол на Путин дека „денес не е време (епоха) на војни“.
– Тоа веќе ви го кажав неколкупати во нашите телефонски разговори. Демократија, дипломатија, дијалог – тоа се инструменти за изнаоѓање решенија, му се обратил Моди на Путин.

Поделени мислења

Да почнеме од западните аналитичари, во чии согледувања најголемо внимание му посветуваат на рускиот лидер Владимир Путин. Тие издвојуваат дека тој „од средбата се враќа со горчлив вкус“, иако самитот требало да докаже дека, и покрај војната во Украина и тензиите со Западот, ниту тој ниту Русија не се изолирани. На самитот, рускиот претседател требало да ги демонстрира никулците за создавање „нов светски поредок“ во кој Западот ги губи својата надмоќ и претходната позиција. Но, според западните аналитичари, рускиот претседател не успеал во тоа на самитот.
Второ, руските медиуми, пак, самитот во Самарканд во Узбекистан го нарекуваат историски. Аналитичарот на „Риа новости“, Пјотр Акопов, триумфално пишува дека „Истокот ги консолидира и обединува своите сили“ и дека светот „во кој доминираше Западот оди во бездната на историјата“. Тие ги цитираат зборовите на Путин дека сѐ повеќе е „очигледно дека се раѓаат нови центри на моќ“. Според оваа перцепција, Русија, заедно со азиските гиганти, Кина и Индија, создава нова водечка сила на светот.
Сепак, според западните медиуми, и двајцата важни партнери се чини дека се мошне резервирани кон Русија, особено сега кога работите на бојното поле во Украина не одат според планот за Русите. Па така, иако го нарече Путин „стар другар“, Си Џинпинг му повтори дека е „против мешање во внатрешните работи на другите земји“, а Моди зборуваше за потребата „да се запре војната и да се преговара“ што е можно поскоро. Покрај тоа, индискиот премиер го предупреди Путин дека едно од најважните прашања е нормализација на пазарите на жито и ѓубрива. Треба да се напомене дека Индија е еден од најголемите увозници на украинско жито, а поради војната и блокадата на украинските пристаништа се најде во незгодна ситуација.
Наедно, се додава дека Путин пред Моди објаснувал дека е за преговори и што побрзо завршување на војната и го обвини Киев дека ги отфрла преговорите бидејќи „сака да ги постигне своите цели преку војна“, па дури и го уверил Моди дека се грижи и за што побрзо завршување на војната.
Интересно е што Нарендра Моди, токму зборувајќи во присуство на Путин, ѝ се заблагодари и на Украина (и тоа двапати го нагласи), а не само на Русија, за помошта во евакуацијата и извлекувањето од воената зона на многу индиски студенти што студираат на украинските факултети.
Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ забележува дека во разговорите меѓу Путин и Си Џинпинг имало „совпаѓање на интересите, но во исто време и меѓусебна антипатија“.

Кој се движи „по сечилото на ножот“

Медиумите ја заокружуваат сликата од самитот со толкувањето дека и Индија и Кина сакаат да соработуваат со Русија, бидејќи сега своите енергетски производи ги купуваат по многу поповолна цена. Но, се додава, не сакаат да одат дотаму да ги загрозат нивните, пред сѐ, економски односи со Западот, па да потпаднат под санкции што би го загрозиле функционирањето на нивниот финансиско-банкарски и индустриски сектор.
Затоа, германскиот дневен весник „Ханделсблат“ наведува дека „Кина е многу внимателна“, бидејќи оди по „работ на ножот“. Според тој весник, Си е целосно свесен дека отворената поддршка за Путин во Украина може да предизвика голема штета на односите со ЕУ и со САД, кои се економски поважни за Кина. Затоа Кина не ѝ продава оружје на Русија, иако таквите желбите се појавија во Кремљ, но не сака да ја пропушти шансата да купи поевтини енергетски производи.
Русија, од друга страна, е принудена да бара нови пазари бидејќи Европа се откажува од зависноста од нафта и гас од Москва. Покрај тоа, многумина забележуваат дека земјите од постсоветска Централна Азија, кои Русија ги смета за свои блиски, сѐ повеќе чувствуваат дека Русија го губи моментот, дека повеќе не можат да профитираат од тоа ниту политички ниту економски, па затоа се свртуваат кон Кина и Турција како нови патрони. Сепак, Путин сигурно нема само да попушти, па можни се многу негови непредвидени, па дури и очајни потези.


Што е Шангајската организација за соработка (СЦО)

Дводневниот самит на Советот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка (СЦО) се одржа во градот Самарканд во Узбекистан, на 15 и 16 септември. Претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијајев, беше домаќин на собирот на осумте држави што ја сочинуваат половината од Земјината популација.
Полноправни членки се: Кина, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Русија, Таџикистан и Узбекистан. Партнери во дијалогот се Турција, Азербејџан, Камбоџа, Непал, Шри Ланка и Ерменија. Иран потпиша меморандум за разбирање за да се прифати како полноправен член, а Авганистан, Белорусија и Монголија ќе се приклучат како земји-набљудувачи.

Подготвил: Mарјан Велевски