Нели ѝ е срам на бугарската разузнавачка служба што службите на мала Македонија дознаа дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи во Руската црква се занимава со разузнавање во Македонија и затоа го протерале од таму. А тој без никакви проблеми удобно си живее во Бугарија, изјави за БНТ генералот Атанас Атанасов, кој е претседател на партијата Демократи за силна Бугарија (ДСБ) и копретседател на парламентарната група на владејачките Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ).
Тој покрај критиката за работата на бугарските безбедносни служби побара сериозна реформа и создавање обединета разузнавачка служба.
-Ефективноста на оваа служба ДАНС е на критично, многу ниско ниво. Не сум задоволен од работата на бугарското контраразузнавање по руски линии, особено по почетокот на војната. Протераниот свештеник Змеев е поглавар на Московската патријаршија во Софија. Змеев одел во Северна Македонија за да ги извршува функциите на руското разузнавање со цел да дојде до раскол во македонската црква – изјави Атанасов.
Порталот Религија.мк објави дека Васијан Змеев е рускиот црковен претставник на Московската патријаршија, кој изминатава година имал интензивни посети на Македонија и зачестени средби со архиепископот Стефан и митрополитите Григориј и Петар. Тој е координатор на Балканот за руските црковни политики, со особено влијание во Бугарија и во Македонија.
Македонското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека тројца руски дипломати се прогласени за персона нон грата затоа што презеле активности спротивни со Виенската конвенција за дипломатски односи.
Русија, прогласувањето на тројцата дипломати за непожелни го оцени како неодговорен и непријателски чин и најави дека нема да остане без одговор.