Анкара / Фото: Пиксабеј

Републиканската народна партија (ЦХП), главната опозициска партија во Турција, победи во Истанбул и Анкара.

Со отворени над 90 отсто од гласачките кутии низ Турција, ЦХП води со 37,3 отсто од гласовите, додека АКП, партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, следи со 35,78 отсто.

Големи делови од западниот, јужниот и северниот дел на земјата се под контрола на ЦХП, а прокурдската партија Дем доби контрола на дел од југоистокот.

Партијата на Ердоган сè уште доминира во централна Турција и има поголем успех во областите уништени од земјотресот во февруари 2023 година. Ова ги вклучува градовите како Кахраманмарас и Газиантеп.

За време на предизборната кампања, Ердоган истакна дека ова ќе му биде последна, бидејќи претседателскиот мандат завршува во 2028 година.

Озгур Озел, претседател на ЦХП, ги пофали гласачите, велејќи дека „сакаат да ја отворат вратата за нова политичка клима во Турција“.

Турската демократија ја докажа својата зрелост. Денешните избори за нас се пресвртница, а не крај. Секој гласач победи, без разлика дали гласал за нас или не, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по дебаклот на АКП на локалните избори во Турција.

АКП на Ердоган ги загуби сите поголеми градови на изборите на кои повеќе од 61 милион гласачи во Турција го добија правото на глас.

Тој изјави дека не очекувале такви резултати, но дека во се има добро.

– Ќе ја послушаме волјата на народот, како и во минатото. Народот ги кажа последните зборови. Ќе работиме со градоначалниците кои победија на изборите. Ќе се самокритикуваме. Имавме неуспеси – истакна тој.

Тој нагласи дека неговата влада има уште четири години да ги исправи своите грешки.

– Немаме избор во следните четири години. Ќе ги обновиме подрачјата погодени од земјотресот, ќе ја поправиме економијата – рече Ердоган.