Новите ветришта во Кремљ носат и нови свежи раководни човечки ресурси. Дали ќе донесат и нови политики или, пак, чистката само ги „оддува“ старите кадри? За некои од „старите“ излегоа на виделина и докази за коруптивни поведенија…
АНАЛИЗА: РАЗРЕШУВАЊЕТО НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА СЕРГЕЈ ШОЈГУ КАКО ПОВОД
Министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, беше сменет на 13 мај. На таа функција тој беше од 2012 година. Претходно тој ја извршуваше функцијата министер за цивилна заштита, на која беше од 1994 година.
Според тоа, Сергеј Шојгу практично помина 20 години како висок функционер во власта. Тоа го прави еден од министрите со најдолг стаж. Тој беше и исклучително популарен во јавноста, па граѓаните на Русија постојано го издвојуваа како најпопуларен министер и генерално со одобрување гледаа на неговите потези.
Расчистување со двете спротивставени армиски крила
Сцените од почетокот на војната, кога руските тенкови стоеја во колони при неуспешното заземање на Киев, драстично влијаеја на популарноста на министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Токму во тоа време во јавноста излегоа информации за постоење на корупција во руската армија, за недисциплина, за лоши услови во армијата, за недостиг од опрема итн. Се чинеше дека тоа е само западна пропаганда и специјална војна, но се покажа дека „каде што има чад, има и оган“.
Како и да е, во врска со споменатото, главна цел на овие информации беа министерот Шојгу и генералот Герасимов. Во исто време постојната опозициска структура во армијата значително се зајакна, а главни носители на тоа армиско опозициско „крило“ беа генералот Суровикин и шефот на приватната армија „Вагнер“, Пригожин. Со тоа зајакнување на армиската опозиција почна и почетокот на сѐ подинамичната ерозија на авторитетот на министерот Шојгу.
За потсетување, по почетната фаза на војната во Украина, дојде до промена во раководството на војската кога генералот Суровикин ја презеде функцијата началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација. Потоа тој (во напад на искреност) ја соочи руската јавност со тешката ситуација на руската армија. Тој ја формира т.н. „линија на Суровикин“, ја повлече војската преку Днепар и воспостави нова фронтовска линија. Тоа ѝ овозможи на Украина да влезе во практично празниот Херсон (и да го прикаже тоа како голема победа). Планот на Суровкин наводно бил руските сили да закрепнат и да воспостават линии, кои се практично непроменети до денес. Меѓутоа, бидејќи имало одредени тешки несогласувања меѓу двете спротивставени армиски крила, генералот Суровикин набрзо бил разрешен и Герасимов бил вратен на функцијата. Во тоа време Пригожин поведе марш на платеничката група „Вагнер“ кон Москва со своите единици. Некои аналитичари го сметаат тоа за договор помеѓу Пригожин и Путин, за да може Путин да оцени кое крило е порешително и попосветено кон Кремљ, но во исто време да направи маневар за да ги доведе во збунувачка позиција западните сили, да не знаат каде и како да се фокусираат за своите наредни чекори.
По маршот кон Москва, за кој многумина тврдат дека беше фингиран, групата „Вагнер“ и нејзиниот лидер Пригожин се дислоцира во Белорусија, а белорускиот претседател во јавноста изигра како посредник меѓу Путин и Пригожин. Наводно, страстите беа смирени, па Русија, пред очите на целата светска јавност, непречено си доби нова воена база од „Вагнер“ на југот на Белорусија, во непосредна близина на северната украинска граница, со вооружена војска платеници, подготвени за настап по линијата север-југ, кон Киев.
Групата „Вагнер“ со Пригожин остана во Белорусија извесно време, а на крајот под неразјаснети околности Пригожин загина во авионска несреќа. Неговиот партнер Суровикин се повлече и долго се мислеше дека е уапсен. По извесно време се јави неговата ќерка тврдејќи дека не е уапсен. Како и да е, од тој момент Суровикин не се појави во јавноста и не можеше да се дојде до него, а неговата биографија беше отстранета од веб-страницата на Министерството.
Со едното армиско крило расчистено, што со другото?
Откако Кремљ се справи со едното крило на армијата, се чинеше дека е јасно дека победило армиското крило на Шојгу, но очигледно работите не стоеја така. Во Кремљ не заборавија како реагираше армијата кога Пригожин објави бунт и како одби да учествува во најголемиот безбедносен проблем на земјата во тоа време. Беше јасно дека Кремљ ќе се занимава со врвот на редовната армија, односно со Министерството за одбрана и со министерот Сергеј Шојгу. Но, за да се направи така, прв предуслов беше стабилизирање на ситуацијата во Украина. А тоа се случи токму кога руската војска влезе во Бахмут и Авдијивка и ги постигна условите за понатамошен напредок во регионот на Донецк. Исто така, важно беше да се зачуваат силите и контролираната територија од најавената украинска офанзива минатата година. Руската армија горе-долу успешно го постигна тоа, а украинската армија се најде во проблеми, кои сѐ уште траат.
Друг предуслов беа изборите. Така, кога Путин доби нов мандат и сега има сигурна и цврста влада (и кога ситуацијата во Украина е под контрола), Кремљ може да изврши „ветинг“ на несоодветниот персонал во воениот и политичкиот врв.
Така, неколку недели пред разрешувањето на Шојгу беше уапсен неговиот заменик Тимур Иванов. Иванов е обвинет за кражба на две милијарди рубли (25 милиони евра) при набавка на траекти што се користат на Крим. Бродовите се купени преку компанија во Хонгконг за да се заобиколат санкциите. Поради основани сомненија за проневера во оваа работа, беше уапсен заменик-министерот за одбрана. Тоа апсење беше голем удар за министерот Шојгу. Во апсењето на Иванов се здружија повеќе фактори. Првата е секако желбата да се испратат позитивни вести до генералите и офицерите на фронтот, односно дека нивните жалби се прифатени пред офанзивата, а втората е во функција на претстојната реконструкција на владата, во која веќе нема да има место за Шојгу. Трето, можно е Кремљ да ја искористи оваа промена за да покаже како го чисти системот од корупција во Русија.
Засега, Шојгу е префрлен на друга функција, која ќе биде повеќе или помалку симболична и нема да ја има истата моќ како досега. Исто така јасно е дека ова разрешување на Шојгу не е последно, односно дека Кремљ сигурно ќе продолжи да го чисти стариот кадар и да воспостави нов во наредните недели и месеци. Р.С.