Чешка

Чешкиот претседател Милош Земан изјави дека американските разузнавачки служби по третпат во последните неколку децении се многу засрамени, овој пат со прогнозата за почетокот на војната во Украина.
Пред неколку дена реков дека, според мое мислење, нема да има војна во Украина, бидејќи Русите не се луди да се вклучат во операција што ќе им нанесе повеќе штета отколку корист – рече тој во интервју за онлајн изданието на „Иднес“.
Тој потсетува дека Американците направија толку голема грешка прво во Ирак, бидејќи не успеаја да најдат оружје за масовно уништување, а потоа и во Авганистан, кога Вашингтон тврдеше дека талибанците (организација под санкции на ОН за терористички активности) никогаш нема да стигнат до Кабул. А Украина е третпат.
Веста дојде од американски извори пред пет дена. И како што можете да видите, не се случи тоа. Во секој случај, тоа беше извештај на ЦИА. И не се прашувам какви извори на информации има. Само врз основа на трите споменати случаи се сомневам во квалитетот на тие извори – рече Земан.

Претседателот на Чешка, сепак, не ја исклучува можноста дека во Украина ќе дојде до некаков конфликт.
Не можам да исклучам некој локален конфликт на границите на Доњецк или Луганск. Но тоа е нешто сосема различно од руска агресија врз Украина. Кога ќе ме прашате зошто Западот го прави ова, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека Русите се подготвени и војната може да започне во секој момент, против тоа зборува повлекувањето на руските единици – рече Земан.
Интервјуто на Земан го пренесоа поголем број чешки, но и европски медиуми. Некои од нив го ставија во поширок контекст, потсетувајќи дека западните медиуми, на чело со американските и британските, изминатиов месец секојдневно објавуваат шпекулации за датумот на почетокот на руската инвазија на Украина. Британски „Сан“, повикувајќи се на американските разузнавачи, пишува дека нападот ќе започне на 16 февруари, во три часот по полноќ, а „Политико“ пишува дека претседателот Џозеф Бајден за време на телефонскиот разговор со западните партнери рекол дека датумот е 16 февруари. „Блумберг“ тврдеше дека нападот ќе се случи ден претходно.
Ништо од тоа не се оствари, а Москва ја повика Британија да се извини за лагата, укажуваат медиумите.