Бурата „Иленија“ (Ylenia) ја погоди Германија откако метеоролозите ден претходно предупредија дека северниот и источниот дел на земјата ќе биде засегнат од силно невреме проследено со урагански ветрови.
Противпожарните и полициските единици пријавија соборени дрвја, оштетени автомобили, помали штети на станбени објекти, но засега нема поголема штета.
„Изброивме 47 интервенции“, изјави портпаролот на пожарникарите во градот Кил, додавајќи дека е оштетена автобуската станица во Фленсбург.
Најмногу проблеми имаше во Хамбург. Нивото на морето во пристанишниот град се зголеми толку многу што е поплавен познат пазар, а дрво кое падна врз шините го прекина сообраќајот на подземната железница.
Околу два часот по полноќ невремето стигна до главниот град.
„Прогласуваме вонредна состојба“, соопшти берлинската противпожарна бригада.
Германската метеоролошка служба (DWD) го стави најголемиот дел од земјата под „црвен“ метео-аларм, додавајќи дека времето не треба да се смири до четврток попладне. Особено предупредија на ураганскиот ветер кој ќе дува над 150 километри на час, пренесува 24 часа.