Фото: ЕПА

Урсула фон дер Лајен во Софија: Европската влада става акцент на улогата на бугарската воена индустрија за милитаризирањето на ЕУ

Улогата на воено-наменската индустрија на Бугарија за Украина и за Европската Унија беше истакната од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзината посета викендов на најголемиот државен производител на оружје во Бугарија, „ВМЗ Сопот“. Таа за време на посетата беше придружувана од бугарскиот премиер Росен Жељазков, при што двајцата разговараа за прашања поврзани со интензивирањето на пополнувањата на резервите од оружје и муниција на ЕУ, при што ги обиколија објектите на фабриката.
– Бугарија активно придонесува и за одбранбената безбедност на Украина и на Европската Унија. Придонесот на Бугарија и нејзината одбранбена индустрија се причина не само за национална туку и за европска гордост. Затоа, ви благодарам многу за тоа – порача Фон дер Лајен при посетата, додавајќи дека проектот треба да донесе зголемување на производството на муниција, како и до илјада нови работни места во „Сопот“.
Посетата на Фон дер Лајен на бугарскиот државен производител на оружје доаѓа веднаш по најавата на германската одбранбена компанија „Рајнметал“ за изградба на две нови фабрики во Бугарија, вклучувајќи и проширување на објектите во Сопот, за да ја воспостави земјата како „најголем производител на барут во Европа“.
За време на Студената војна, Бугарија се позиционираше како еден од главните производители на оружје на Варшавскиот пакт, специјализиран за стрелачко оружје, муниција и лесни оклопни возила. Но распадот на Советскиот Сојуз го доведе секторот во стрмен пад, затворајќи повеќе државни фабрики.
Војната во Украина ја реактивираше воено-наменската индустрија на Бугарија, претворајќи ја земјата во клучен снабдувач на муниција по советски стандард за Киев, со тоа оживувајќи ги некогаш неактивните постројки и региони.
Фон дер Лајен е на турнеја низ седум земји во таканаречените „држави на фронтовската линија“ за да ги увери во засега непоколебливите цели на Брисел: ЕУ против Русија. Покрај Бугарија, која излегува на Црно Море, шефицата на Комисијата ги посети Финска, Естонија, Литванија, Летонија и Полска, кои граничат со Русија или со Белорусија. Р.С.


Поддршка, но и јавно изразено незадоволство за природата на посетата на шефицата на ЕК на Бугарија

Порака на дел од бугарската јавност: Барутот е валкана работа

Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Бугарија предизвика протести на дел од партиите од десниот политички пејзаж во Бугарија. Протестите ги потврдија антагонизмите во политичкото општество на државата, со јавна демонстрација на внатрешни тензии во врска со прашањето за растечката улога на Бугарија, како центар за производство на оружје. Демонстрантите од партијата Преродба (Вазражданје), како и од партијата Величие, се собраа пред влезот на фабриката „Сопот“ при посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за да го покажат нивниот анимозитет кон природата на посетата на лидерката на ЕУ.
Лидерот на партијата Преродба, Костадин Костадинов, кој претходно зборуваше за повлекувањето на Бугарија од НАТО, беше снимен како блокира цивилно возило на влезот во фабриката.
– Пропагандата што владата во моментов се обидува да ја промовира дека наскоро ќе има некаков економски бум е целосно неточна. Дали оваа фабрика ќе ни биде корисна? Знаеме дека производството на барут е опасна и валкана работа. Зошто Бугарија не инвестира во воена мобилност или воена електроника? Наместо тоа, нашата земја се определува за опасен материјал – изјави Костадинов за новинарите.
Во меѓувреме поддржувачите на Величие мавтаа со секири во пренос во живо, наведувајќи дека тие се „букетот што го заслужуваше Фон дер Лајен“. Овие протести доаѓаат по силните национални антиевропски демонстрации во Бугарија. Р.С.