Бројот на нови барања за азил во земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) достигна нов рекорд во 2024 година, зголемувајќи се за 13 проценти во споредба со претходната година, се наведува во годишниот извештај за миграција на ОЕЦД објавен денеска.
Во 2024 година биле регистрирани околу три милиони нови барања за азил, стои во извештајот.
Појавата главно е поттикната од САД, но пораст е забележан и во Канада и Обединетото Кралство, додека во остатокот од земјите на ОЕЦД бројот на барања се намалил.
ОЕЦД вклучува 38 земји, меѓу кои речиси сите членки на Европската унија, како и САД, Канада, Обединетото Кралство и Јапонија.
Повеќе од половина од трите милиони барања за азил во земјите на ОЕЦД во 2024 година биле поднесени во САД. Главни земји на потекло на барателите на азил биле Венецуела, Колумбија, Сирија, Авганистан и Индија, се наведува во извештајот.
Во 2024 година, повеќе од 160 милиони лица кои живееле во земјите на ОЕЦД биле родени во странство, при што од 2014 година уделот на странски државјани пораснал од 9,1 на 11,5 проценти.
Што се однесува до нередовната миграција, извештајот покажува дека бројот на нелегални премини на границите на ЕУ во 2024 година се намалил за 37 отсто, исто како и средбите со граничната патрола во САД (намалување за 48 отсто), додека обидите за нелегален влез во Обединетото Кралство се зголемиле за 19 проценти.
Истовремено, депортациите од ЕУ, Обединетото Кралство и САД континуирано се зголемувале во периодот од 2021 до 2024 година.
Извештајот делумно се фокусира на јазот во вработеноста меѓу мигрантите и локално родените работници.
„При влез на пазарот на трудот во земјата-домаќин, имигрантите во просек заработуваат 34 проценти помалку од лицата родени во таа земја, со иста возраст и пол“, стои во извештајот.
– Речиси две третини (63 отсто) од овој јаз се должат на тоа каде работат имигрантите. Тие не само што работат во потплатени сектори, туку и кај потплатени работодавци во рамки на истите сектори – се истакнува во текстот.
Во случајот на Германија, имигрантите таму се значително помалку вработени отколку во другите земји на ОЕЦД, пренесува ДПА.
Во 2024 година, 69,6 отсто од имигрантите во Германија биле вработени, додека кај локално родените Германци таа бројка била 10,3 отсто повисока.
Според извештајот, овој јаз бил поголем само во Турција и Холандија.
Кај високообразованите мигранти, разликата во Германија минатата година била уште поизразена – околу 15 процентни поени во споредба со локалните работници.































