Германија и Велика Британија се блиску до потпишување нов историски договор за „ресетирање“ на севкупните односи

Германија и Велика Британија се подготвуваат да потпишат голем рамковен договор за билатерално пријателство уште следниот месец. Договорот би бил дел од колосален план за „ресетирање“ на односите со земјите од ЕУ – обид за обнова на трговските и безбедносните врски што беа прекинати со брегзит
Владите на Германија и на Велика Британија објавија дека ќе потпишат „досега невиден договор од голем обем“. Тој требаше да биде парафиран за време на посетата на Германија на британскиот премиер Кир Стармер. Но, токму кога договорот се приближуваше кон завршување, распадот на претходната владина коалиција на Германија се наметна како пречка за реализација. Дипломатите од обете страни одлучија да ги прекинат преговорите бидејќи се распадна коалицијата на тогашниот канцелар Олаф Шолц, а германските закони бараа од новата влада прецизно и педантно да одлучи дали и кога ќе биде потпишан договорот.
Сепак, разговорите наскоро продолжија со инаугурацијата на новата влада предводена од конзервативците и деновиве се блиску до завршување.
– Канцеларот Мерц се согласи со премиерот Стармер дека преговорите за германско-британскиот договор, кои се добро напреднати под водство на соодветните министерства за надворешни работи, сега треба брзо да се финализираат – рече неименуван дипломат.
Тој додаде дека потребната одлука на германскиот кабинет и потпишувањето би можеле да следуваат „наскоро“.
Според друг функционер информиран за времето на потпишување, тоа би можело да се случи веќе на 17 јули.
Германските пратеници вклучени во разговорите го споредија значењето на договорот со договорите за пријателство од голем обем на земјата со Франција. Двете земји се поврзани со Елисејскиот договор и Ахенскиот договор, кои ги подигнаа француско-германските односи на ново ниво и воспоставија заедничко парламентарно собрание.

Билатералниот договор меѓу Британија и Германија има амбиција да стане трилат ерален, со приклучување на Франција

– Ќе имаме еден вид триаголен однос меѓу Франција, Германија и Велика Британија – изјави Нилс Шмид, некогашен водечки пратеник за надворешни работи на социјалдемократите (СПД).
Покрај француско-германските договори, Франција и Велика Британија се поврзани со Договорот од Ланкастер хаус. Нов германско-британски договор би го комплетирал договорот меѓу таканаречените „земји од Е3“.
Шмид се надева дека документот ќе ги институционализира размените меѓу двете влади и парламенти и ќе воспостави поблиски културни меѓусебни врски. Британската страна сака „договорот да има практично влијание врз животите на обичните луѓе“.
Се очекува договорот да го вклучи и првиот договор за одбранбена соработка на Велика Британија со Германија, Договорот од Тринити хаус. Тој документ беше потпишан минатата година, а германската влада го нарече „израз на новата британска ориентација кон Европа“. За потсетување, ЕУ и Велика Британија потпишаа свој договор за одбрана и безбедност минатиот месец и се согласија во принцип за намалување на некои бариери во нивните трговски односи по брегзит.

Р.С.