Неубедливото извинување на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за неговите контроверзни изјави за градината и џунглата отвори повеќе прашања, отколку што даде одговори, пишува „Политико“.
Во објава на блог, Борел инсистираше дека неговите коментари дека Европа е градина, а остатокот од светот е џунгла, што за многумина звучеа расистички и навредливо, всушност биле погрешно протолкувани.
Но, наместо да понуди извинување, тој се реши за излитената фраза „се извинувам ако некој се почувствувал како навреден“.
Борел веќе е познат по спорните коментари, но неговите последни изјави ризикуваат да го подријат моралниот авторитет на ЕУ кон кој Унијата бара другите да се придржуваат. Проблематично беше и што претходно упади закана за уништување на руската армија, ако таа употреби нуклеарно оружје.
– Европа е градина. Поголемиот дел од остатокот на светот е џунгла. А џунглата би можела да изврши инвазија врз градината – кажа Борел во Бриж.
Метафората набргу беше критикувана како империјалистичка. Обединетите Арапски Емирати ги судија коментарите на Борел како несоодветни и дискриминирачки.
Слободното изразување на Борел потсети на негова неодамнешна несреќна изјава кога во првите недели од војната во Украина кажа дека ЕУ ќе испрати воени авиони за Киев. Неколку дена подоцна полскиот претседател Анджеј Дуда, во пристуство на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги негираше ваквите тврдења.
Дипломатите од ЕУ потоа укажаа дека коментарите на Борел всушност го спласнале ентузијазмот за пообемна подршка за Украина, кога членките на НАТО биле загрижени дека таквата активност би можела да ги вовлече во конфликт со Русија.
Гафот на Борел на одреден начин се правда со тоа што тој се обрати на англиски, иако не го зборува течно, што укажува дека е ризично кога за осетливи теми се зборува на јазик што не е мајчин.
Свежи се и сеќавањата на посетата на Борел на Москва во февруари 2019 година, кога европскиот дипломат западна во проблеми откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во негово присуство ја нарече ЕУ недоверлив партнер. Тогаш повеќе од 70 европратеници побараа оставка од Борел, кој се правдаше преку блог, како и сега.
Сега пак, нема повици за оставка, туку шефот на европската дипломатија сега има потполна поддршка од Европската комисија.