Во последните денови ЕУ ја постигна целта да и испорача еден милион проектили на Украина – објави високиот европски претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел на прес-конференција по состанокот на европските министри за одбрана во Брисел.
Тој истакна дека од почетокот на рускиот напад врз Украина, ЕУ на Киев му обезбедила воена помош од 45 милијарди евра. Европската поддршка не е многу помала од онаа што ја даваат САД, додаде Борел.
Според него, „големо мнозинство во Советот на ЕУ“ денеска е на мислење дека Европа ќе плати повисока цена доколку рускиот претседател Владимир Путин успее во оваа војна.
-Безбедноста е највредното нешто што може да го има едно општество, војната во Украина директно влијае на нашите вредности и принципи – истакна високиот претставник.
Тој најави дека предложил да се отвори европска канцеларија во Киев за да се координираат воените потреби на Украина. Ова не е ескалација, рече Борел. Тој појасни дека во Украина нема европски трупи за битки со руските сили и не се планира да ги има.