По крвопролевањето во Газа и во Москва, Анкара го заострува својот став против терористите, особено што некои екстремисти би можеле да ја искористат актуелната криза во регионот и уште повеќе да ѝ се закануваат на Турција. Во таа смисла, не само Турција туку и други земји се обидуваат да ги премостат разликите што со децении ги заоструваа нивните односи и заради регионалната и националната безбедност и сигурност да отворат нови канали на комуникација за да обезбедат стратегиски престројувања на Блискиот Исток кон добрососедство и регионална соработка
Стратегиски престројувања на Блискиот Исток
На Блискиот Исток, кој од неодамна се соочува со зголемени милитантни предизвици, водечките исламски земји се обидуваат да ги премостат разликите што со децении ги заоструваа нивните односи, кои често беа злоупотребувани од членовите на Исламската држава, Ал каеда и Работничката партија на Курдистан, но и други екстремистички групи.
По масакрот во Москва, за кој одговорноста ја презеде озлогласената Исламска држава, претседателот Реџеп Таип Ердоган реализира телефонски разговор со Кремљ на највисоко ниво, при што тој изрази подготвеност да соработува со Русија во борбата против тероризмот.
– И овој напад потврдува дека кризните случаи во регионот треба итно да се решат со мирни средства – нагласил тој, информираат од претседателскиот кабинет на Турција за јавноста.
Од почетокот на конфликтот во Украина, Ердоган се понуди да посредува меѓу Москва и Киев. На почетокот на март му беше домаќин на Володимир Зеленски, а имаше најави дека претседателот на Русија треба да ја посети Турција во април или мај. Сепак, со оглед на последните настани во Москва, прашање е дали ќе се случи тоа.
Регионот на Блискиот Исток од неодамна се соочува со една од најтешките кризи во годините по Првата светска војна: има граѓанска војна во неколку земји, а САД, Велика Британија и Израел повремено ги бомбардираат Јемен, Сирија и Либија. Во Газа владее вистински хаос. Исламските земји, особено водечките, не можат да се договорат како заеднички да одговорат на сите овие предизвици. Тие секако го осудуваат Израел, но не се осмелуваат да преземат поефикасни решенија во насока на постигнување договор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е поддржан од Вашингтон и западни сојузници.
Од неодамна и Турција е на удар на екстремисти – членови на Исламската држава, Ал каеда, а од поодамна и од екстремисти и милитантно крило на Курдистанската работничка партија (ПКК) и други помали екстремистички групи. Се стравува дека сега би можеле уште повеќе да се радикализираат и да го искористат хаосот во Газа и Украина и да им се закануваат на земјите во регионот.
Анкара води битка на два фронта: припадниците на нејзината безбедносна служба и армијата ги нападнаа Сирија и Ирак за да се справат, пред сè, со курдските милитантни екстремисти, кои таму имаат свои упоришта. Истовремено, таа отвори дипломатски канали и се обидува да воспостави соработка со земјите од регионот во оваа борба. По завршувањето на Рамазан, кој е во тек, Ердоган ќе го посети Багдад – за првпат по дванаесет години – каде што со домаќините ќе разговара за заедничката борба против „курдските милитантни екстремисти“, кои, според Анкара, имаат свои бази во северниот дел на Ирак (каде што тие окупираа повеќе од 400 села) од каде што повремено напаѓаат цели во југоисточна Анадолија. Кон средината на минатата година, Ердоган во последен момент ја откажа посетата на Ирак, без официјално објаснување. Се чини дека сега дипломатите на двете земји го подготвија теренот за отворање „нова страница“ во односите меѓу Турција и Ирак, кои имаат заедничка граница од 360 километри. Р.С.