Голем број светски компании и понатаму наоѓаат начин да ги пласираат своите производи во Русија

Бизнисот го враќа ударот! Ова слободно може да се каже по веста што доаѓа од светот на бизнисот, поточно за самоиницијативното враќање на многу компании и познати брендови на рускиот пазар, особено во текстилната индустрија, козметичката индустрија… Рускиот пазар за нив беше еден од најпрофитабилните. Губењето на профитот (а не некаква политика или идеологија), за голем број западни компании направи таквите компании „со тешко срце да го напуштат тој пазар“, при што повеќето од нив за повлекувањето во јавноста изјавија дека „станува збор само за привремена мерка“. Сега, кога веќе почна сѐ погласно да се зборува за примирје и преговори кај засегнатите страни, примерите за обидите за враќања на западните компании на рускиот пазар се сѐ почести. Бизнисот си го прави своето, редно е и политичарите да го направат тоа, во интерес на сеопштата благосостојба и просперитет, а пред сѐ во интерес на глобалниот мир

Зошто врвните модни брендови се враќаат во Русија

Деновиве силно одекна веста од светот на бизнисот, поточно за враќањето на многу компании и познати западни брендови на рускиот пазар, особено во текстилната индустрија, козметичката индустрија… Рускиот пазар за нив беше еден од најпрофитабилните, а губењето на профитот (не некаква политика или идеологија), за голем број западни компании направи таквите компании „со тешко срце да го напуштат тој пазар“. Сега, кога веќе почна сѐ погласно да се зборува за примирје и преговори кај засегнатите страни, примерите за враќања на западни компании на рускиот пазар се сѐ почести. Бизнисот си го прави своето, редно е и политичарите да го направат тоа, во интерес на сеопштата благосостојба, просперитет, а пред сѐ во интерес на глобалниот мир.

„Паралелен увоз на стоки“ од западни брендови во Русија постои и за време на санкциите, па затоа некои ефекти од нив беа намалени

Руската влада, како и централната државна банка – Банка на Русија – уште од порано се подготвуваа за воведувањето санкции против Москва, така што тие си презедоа низа мерки за ублажување на ударот од санкциите и на нарушувањата во снабдувањето на пазарите. Една од нив беше т.н. мерка „паралелен увоз на стоки од западни брендови“ (преку други земји).
Клучна држава што служи како мост помеѓу Русија и Западот е Турција, која пак од ова има добар профит. За тој факт сведочат предупредувањата испратени од највисоките владини структури на САД, до одредени клучни министри во Анкара, надлежни за овие прашања. Американските предупредувања до Турција вклучуваат и можни „санкции за Турција, доколку таа не престане со оваа практика“. Меѓутоа, од таквите санкции засега не испадна ништо, бидејќи Анкара тврди дека станува збор за приватни турски компании, врз кои државата не може да влијае – особено затоа што Турција не се приклучи кон западните антируски санкции и нема право да ги казнува своите компании и граѓани поради некакво нивно кршење. Токму поради оваа улога на Турција, сметаат одредени аналитичари, голем број европски компании и понатаму ги извезуваат своите производи во Русија, па на полиците на руските супермаркети нема целосен недостиг во однос на периодот пред санкциите. Влегувањето на западни стоки на рускиот пазар, со помош на „паралелен увоз на стоки од западни брендови“ (преку други мост-земји) го потврдуваат и западни институции, како и аналитичарите што ја следат актуелната тема за антируските санкции.
За потсетување, на крајот на март, руската влада ја легализира мерката т.н. „паралелен увоз“, со цел да ја задоволи побарувачката за странски производи. Притоа, овој механизам не значеше „легализација на фалсификувана стока, туку подразбираше увоз на оригинална стока“, но преку алтернативни канали за набавка, потенцираше руското министерство за индустрија и трговија.

Зошто некои западни компании „немаат време да ги чекаат ефектите од санкциите“

Одредени западни компании – кои се повлекоа од рускиот пазар по инвазијата на Украина на 24 февруари годинава, со своите постапки, па и со своите изјави, велат дека „немаат време за чекање на ефектот на западните санкции кон Русија“ и немаат време да ги дочекаат најавените „сериозни промени во руското општество“, поради наметнатите санкции. Имено, тие санкции и за нив имаа повратен негативен ефект, не само со намалувањето на пазарите, продажбата и профитот туку и со закана за нивниот опстанок како компании.
За немањето време кај некои западни компании да чекаат политички промени во Русија, најдобро сведочи официјалната вест на руското министерство за индустрија и трговија на конференција за печат. Имено, објавата е дека веќе „нема потреба од т.н паралелен увоз (одобрен по санкциите) на парфеми и козметика од ’Ланком‘, ’Редкен‘, ’Ив Сен Лоран‘, ’Џорџо Армани‘ и ’Керастасе‘, бидејќи овие брендови веќе се подготвени да продолжат да испорачуваат свои производи директно во Русија“, а и дека министерството ќе им го овозможи тоа!
– Да, овие брендови се исклучок и сходно на тоа, паралелниот увоз за нивни производи е непотребен. Ова стана реалност благодарение на подготвеноста на овие компании да ја обноват испораката на своите производи во Русија – велат од споменатото министерство.
Изземањето ќе стапи во сила по три месеци. Значи, оние што купиле производи во состав на шемата за паралелен увоз, ќе имаат доволно време да ги внесат во Русија.
Дали ваквиот редослед на настаните е уште една најава на затоплување на односите меѓу засегнатите страни во украинскиот конфликт?

Од повеќе извори се толкува дека Турција засега е најдобриот „мост“ за преод преку конфликтот

Во однос на бизнисот со текстилот и облеката, во Русија доаѓаат сè повеќе турски компании, како и оние од Источна Азија, од каде што пристигнуваат и технички производи за широка потрошувачка, автомобили (најмногу од Кина), фармацевтски производи (најмногу од Индија) и слично.
Што се однесува на вештачко ѓубре и жита, за потсетување е уште еден важен момент – повторно со Русија и Турција во главните улоги. Имено, овие две земји неодамна договорија бесплатно снабдување со храна во земјите каде што е потребна. И американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела изјави дека Турција има подобра позиција за дијалог со Русија во однос на голем број прашања (Украина, житото…) од САД, како и дека Стејт департментот не може да направи многу во тој поглед. Очите сѐ повеќе се вперени во Турција, иако и Кина би можела да одигра битна улога за почеток на некакви мировни преговори.


Турција почна дел од рускиот гас да го плаќа во рубли

Кога станува збор за испораките на руски гас, Турција делумно се префрли на исплата во рубли, изјави министерот за енергетика на земјата, Фатих Донмез. Веста ја објави турската телевизија ТРТ Хабер, а веднаш беше пренесена и од руските медиуми.
– Како што знаете, договорот е постигнат, а делумната исплата веќе е започната. Имаме намера да ја интензивираме нашата соработка во таа насока – изјави турскиот министер во интервјуто за споменатата телевизија. Наедно, тој кажа и дека Анкара и Москва спроведуваат технички активности што се однесуваат на трговијата со национални валути.
Во септември, претседателите на двете држави, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, договорија Турција да плаќа 25 отсто од руските испораки на гас во рубли. Во својот говор за време на меѓународниот форум „Руска енергетска недела“, одржан на 12 октомври во Москва, Путин предложи пренасочување на транзитот на гасоводот „Северен тек“ во регионот на Црно Море и создавање најголем гасен центар во Турција, кој би ја снабдувал Европа со гас.
Во врска со ова, турскиот претседател Ердоган од своја страна кажа дека веќе дал инструкции за брзо започнување со активности во однос на овој предлог. Набргу потоа, турскиот министер за финансии Нуредин Небати, во своето интервју за британскиот весник „Фајненшл тајмс“, изјави дека Анкара побарала од руски „Газпром“ попусти за испораките, а наедно и одложено плаќање.


Испораките на нафта од Русија кон Индија, Кина и Турција се зголемија на 2,39 милиони барели дневно

Европа не е веќе руски главен извозен пазар на црното злато

Забраната за увоз, која започнува на 5 декември, се однесува на руската нафта што пристигнува со танкери, а не на онаа испорачана со цевководи. Тоа беше неопходен компромис за воведување на шестиот пакет санкции на ЕУ против Русија (одлуките за санкциите мора да се носат едногласно, како и оние за нивно укинување) со оглед на речиси целосната зависност на одделни земји на Унијата од руската нафта, која во најголем дел до нив стигнува преку нафтоводи-цевководи.
Две третини од суровата нафта натоварена на танкери во руските пристаништа сега оди во Азија. Колку за споредба, реномираниот западен медиум „Блумберг“, во врска со ова, потсетува дека во последните неколку седмици, пред руските сили да ја почнат својата операција во Украина, кон Азија возеа танкери со руска нафта само нешто помалку од две петтини, од вкупната сурова нафта превезувана со танкери.
Сега, количеството е две третини, а Кина и Индија го сочинуваат најголемиот дел од трговијата, додека помали количества одат до дестинации како што се Шри Ланка и Обединетите Арапски Емирати.
Споменатата мерка за забрана за увоз на руска нафта во ЕУ ќе опфати забрана за транспорт на руска нафта со европски танкери, како и забрана за осигурителни компании да даваат осигурителни услуги, како и финансирање, сертификација и брокерски услуги. Исклучоци ќе бидат направени само за нафта купена по цена пониска од договорената горна граница подготвена од земјите од Г7.
Кон тие санкции на ЕУ, кои ќе стапат во сила за 3 недели, се приклучи и Обединетото Кралство.
Вкупните испораки од Русија паднаа на најниско ниво во последните три недели, од 2,9 милиони барели дневно во седмицата пред 11 ноември. Така, според пресметките што излегоа во западните медиуми, приходот на Русија од нафта падна на најниската точка од почетокот на јануари годинава.

Подготвил: Mарјан Велевски