Германија
Предлогот на Комисијата на ЕУ за класификација на нуклеарните централи и природен гас како „зелени“ инвестиции предизвика спор меѓу Германија и Франција. Имено, предлогот на Европската комисија, кој има цел да ја поддржи промената на блокот од 27 нации кон јаглеродно неутрална иднина, сака да ги означи природниот гас и нуклеарната енергија како поволни за климата под одредени услови. Ваквиот чекор на ЕУ наиде на позитивни реакции во Франција, која е земја најголем европски производител на струја од нуклеарна енергија. Официјален Париз ги поддржа плановите да се смета нуклеарната енергија за „пријателска кон климата“ и побара нуклеарната енергија да биде вклучена во „таксономијата“ до крајот на годината.
Сепак, од друга страна, ваквиот предлог на европската комисија наиде на остри реакции од страна на Берлин, бидејќи германската влада изминатиот период ги затвори трите од вкупно шест нуклеарни централи во земјата со образложение дека атомската енергија не е „зелена“.
Според западните експерти, во услови на светска енергетска криза, Европа сега се соочува и со поделеност околу тоа што е „зелена“ енергија и сето тоа може да предизвика дополнително продлабочување на состојбите со недостигот од струја и енергенти на Стариот Континент.
Подготвил: Дејан Србиновски