Соединетите Американски Држави очигледно ја смениле стратегијата кон Западен Балкан, во епицентарот на нивното внимание се БиХ, Косово и Србија, а американското дејствување ќе биде насочено и кон Европската Унија, каде што се забележуваат неусогласени ставови за клучните прашања што се однесуваат за иднината на балканскиот регион, сметаат аналитичарите
Политиката на САД за Западен Балкан добива нови димензии
Со зајакнувањето на дипломатските претставници во земјите од Западен Балкан, Вашингтон своето дејствување во наредниот период ќе го насочи во два правца. Првиот води кон позасилен притисок во решавањето на билатералните проблеми меѓу земјите од регионот, за кои подолго време нема никаков напредок. Вториот правец на американското дејствување ќе биде насочен и кон Европската Унија, каде што се забележуваат неусогласени ставови за клучните прашања што се однесуваат за иднината на балканскиот регион.
Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден на Балканот да ја испрати старата и искусна дипломатска гарда, која учествувала во мировните преговори, претставува и обид за враќање на САД во овој регион по долгото нивно отсуство, но и да го прекине „лутањето“ на Европската Унија, наедно да го дополни помалото искуство на европските дипломати, со кои балканските политичари успешно манипулираат. Но, како што пишува „Јутарњи лист“, успехот на американската булдожер-дипломатија е неизвесен поради тоа што атмосферата на европскиот континент е поинаква, а во ЕУ постои и длабока поделеност за статусот на Косово. Петте членки на Унијата што се против признавањето на новата држава се поблиску до ставовите на Русија. Вториот и уште поголем проблем е што ЕУ не сака да гарантира за недвосмисленото членство за државите од Западен Балкан, наспроти јасно изразениот став на Вашингтон дека „членството во ЕУ е заедничка цел и главен мотив за државите од регионот“.
– Балканскиот регион претставува незавршена работа за Атлантскиот сојуз. Најдобар чекор е тимската работа меѓу САД и ЕУ, за да се постигне некаков напредок, пред сѐ во преговорите меѓу Белград и Приштина. Моментално постои фрустрација на двете страни на Атлантикот поради политичките случувања во Република Српска. Но јасниот обид да се тргне во поздрава и конструктивна политика во Босна и Херцеговина е еден од главните приоритети во регионот, со нормализација на односите меѓу Косово и Србија – вели Чарлс Капчан, член на американскиот совет за надворешни односи и професор на универзитетот „Џорџтаун“.
Во разговор за Радио Слободна Европа, Капчан ја нагласува заедничката желба на САД и ЕУ за „вакцинирање“ на Западен Балкан против руското и кинеското влијание, што во практика би значело решавање на политичките спорови и доведување на сите земји од регионот на патот кон ЕУ и членство во НАТО. Тој не сака да шпекулира за идните исчекори во поставувањето ефикасна влада во БиХ, со некакви санкции кон Република Српска, односно со ревизија на Дејтонскиот договор, или со создавање политичка структура што би дејствувала на помала етничка основа. Но, како што вели тој, создавањето конструктивна и здрава политика во БиХ е еден од главните приоритети на САД во регионот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија
На прашањето дали Вашингтон може да го забрза процесот за пристапни преговори за прием на Македонија и Албанија во ЕУ, Капчан вели дека САД се многу заинтересиран набљудувач во пристапните преговори, но не мисли дека станува збор за играч што може да оствари поголемо надворешно влијание.
Соединетите Американски Држави очигледно ја смениле стратегијата кон Западен Балкан, а во епицентарот на нивното внимание се БиХ, Косово и Србија, како што смета политичкиот аналитичар Ненад Кулачин.
– Напредок во преговорите меѓу Србија и Косово одамна нема. Преговорите не се ни во стагнација, бидејќи воопшто и не постојат. Белград нема намера да го признае Косово, а официјален Брисел не се снаоѓа во целата состојба. Европа на секој свој направен чекор се враќа неколку назад. Поради сопствените проблеми, брегзит и епидемијата, ЕУ нема сили, но ни авторитет да се занимава со регионот. Заминувањето на Ангела Меркел дополнително влијае на бриселската импотентност во однос на Западен Балкан. Со поизвесното заминување и на францускиот претседател Емануел Макрон, јасно дека ЕУ останува без вистински лидер – пишува Кулачин во анализата објавена на „Ал џезира“.
Според него, веќе се гледа влијанието на Габриел Ескобар како специјален пратеник за Западен Балкан, со чие посредство беше привремено надминат проблемот во врска со регистарските таблички на возилата за жителите од северниот дел на Косово. Ова наедно е поука за неговиот европски колега Мирослав Лајчак, кој е посредник во преговорите меѓу Белград и Приштина, за тоа како треба да се решаваат отворените проблеми. Кулачин, за именувањето на Кристофер Хил за амбасадор на САД во Србија, вели дека тој доаѓа да ги спроведе интересите на САД, кои не мора секогаш да бидат во согласност со демократските процедури.
– Нема никаква дилема дека Америка има капацитет и авторитет, за разлика од ЕУ, да стави точка на косовската приказна, но и на проблемите со кои се соочуваат Босна и Херцеговина. Изборот на непосредните извршители на оваа дипломатска игра дава гаранција за тоа, но дали ќе дојде и до решение, останува да видиме и да се надеваме – заклучува Кулачин во својата анализа во „Ал џезира“.