Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, вели дека секогаш постои причина за славје, но, додава дека тоа славење секогаш подразбира цивилизиран однос кон другите граѓани.
– Инцидентите не изненадија никого, славењето уште помалку. Секогаш има причини за славење на некоја победа, но тоа славење секогаш подразбира цивилизиран однос кон другите граѓани и кон зачувувањето на стабилноста на Црна Гора – истакна Ѓукановиќ.
– Синоќа видовме излив на нетолеранција, агресија и примитивизам. Обиди за пресметки со луѓе кои размислуваат поинаку – додаде тој.
Тој додаде дека, не само во Црна Гора, туку и во регионот, постојат два спротивставени става за иднината.
– Едниот е оној кој е персонификација на досегашниот состав на владата во Црна Гора, кој ги гледа нашите земји во Европската унија и во европскиот и евроатлантскиот систем на вредности. Спротивно на тоа, имаме многу жив национализам како во 90-тите години на минатиот век, кој се разбуди во нови околности и кој очекува тркалото на историјата да се сврти наназад, но мислам дека нема да дојде до тоа – вели Ѓукановиќ.
Кога станува збор за формирањето на новата влада во Црна Гора, тој верува дека резултатот ќе се види наскоро.
На прашањето дали партиите што ќе имаат 41 место во парламентот се трите опозициски партии, тој рече:
– Ќе видиме. Засега има такви најави. Но, нивните програми се доста различни – рече тој.
На прашањето дали тој ќе се обиде да влијае, Ѓукановиќ вели дека нема и додава дека и натаму е уверен дека Законот за слобода на вероисповед не е грешка.
– Сè уште сум убеден дека тоа мора да се реши. Статусот на црквата во Црна Гора не може да се занемари. Верувам дека легитимна е намерата на црногорската јавност, по обновената држава, да ги обнови и прашањата за традицијата на црногорското општество вели Ѓукановиќ.