Наспроти погодностите на електронското плаќање во услови на пандемија, околу 40 отсто од населението на Западен Балкан и натаму повеќе го сакаат личниот „контакт“ со вработените лица на банките и комуналните претпријатија за плаќање на тековните сметки и други финансиски уплати
Пандемијата на ковид-19 не влијаела значително за промена на навиките на граѓаните од земјите од Западен Балкан и од Босна и Херцеговина. Иако во текот на пандемијата физичкиот контакт и одењето на шалтери се сведени на минимум, во БиХ само 18 отсто од граѓаните ги користеле е-услугите, а речиси 50 отсто не се ни обиделе да ги користат системите за електронско плаќање на сметките за комунални услуги и за струја. Наспроти погодностите на е-плаќањата, околу 40 отсто од населението на Западен Балкан и натаму повеќе го сакаат личниот „контакт“ со вработените лица на банките и комуналните претпријатија за плаќање на тековните сметки и други финансиски уплати. Ова се некои од резултатите од истражувањето на Надворешнополитичката иницијатива (ВПИ) од БиХ, како дел од проектот „Зајакнување на цивилното општество на Западен Балкан за реформирање на јавната управа“, објави „Аваз“.
– Во просек, две третини од граѓаните во регионот велат дека нивното интересирање за е-услугите не пораснало од почетокот на пандемијата. На граѓаните им недостигаат информации за нивните услуги. Доколку ги имаат, тие немаат адекватни информациско-технички вештини за нивното користење, или е потребно повеќе време за навикнување на интеракцијата со јавната управа на овој начин – вели Анида Шабановиќ, директорка на ВПИ БиХ.
Порастот на користењето на електронските услуги во текот на пандемијата во регионот изнесува 38 отсто, а на ниво на БиХ е 31 отсто. Најголем пораст е забележан во Албанија и во Црна Гора, со 45 отсто, додека најнизок е во Косово. Најголемо интересирање за користењето на е-услугите покажале помладите лица од 18 до 24 години, но и старите лица од 60 години поради неможноста да пристапат до шалтерите, поради ограничувањето на движењето.
– Владите би требало да преземат проактивна информативна кампања за да се зголеми свеста на граѓаните за тоа дека овие услуги се побрзи, поедноставни и поевтини отколку да се оди до шалтерите во некоја од финансиските институции. Неопходно е да се работи и на подобрување на квалитетот на овие услуги. Ова ќе доведе до поголема доверба кај граѓаните за користење на електронското плаќање – вели Шабановиќ за „Аваз“.
Со појавата на пандемијата на коронавирусот, повеќето комунални претпријатија и банки во Македонија презедоа активности за подобрување на информатичката мрежа, за да им се овозможи на граѓаните да ги плаќаат своите обврски преку електронски пат. Според податоците на Народната банка од платежната статистика за вториот квартал од 2020 година во услови на пандемија, плаќањето со платежните картички во трговијата во земјата забележа годишен пораст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 7,4 отсто и 17,6 отсто, соодветно.
Притоа, евидентен е високиот годишен пораст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, кој во вториот квартал од оваа година изнесуваше 169,6 отсто и е петкратно повисок од годишниот пораст во истиот квартал од претходната година (32 отсто). Во однос на користењето на платежните картички на физички места на продажба, во вториот квартал од 2020 година беше остварен годишен пораст од 4,9 отсто, кој е значително понизок од годишниот пораст во истиот квартал од 2019 година (19,1 отсто).
Негативното влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата со користење на инструментот кредитни трансфери, кои забележаа годишен пад од 13,3 отсто во однос на бројот и 17,4 отсто во однос на вредноста на трансакциите.
Сепак, од почнувањето на корона-кризата, физичките лица во Македонија сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери извршени од страна на граѓаните во вториот квартал се зголемил за значителни 42,2 отсто на годишна основа, што е двојно повеќе споредено со годишниот пораст во истиот квартал во 2019 година (20,9 отсто), се наведува во соопштението на НБРМ.
Македонските граѓани ги извршувале плаќањата најчесто преку компјутер. Кај плаќањата извршени преку компјутер, во вториот квартал од 2020 година се забележува висок годишен пораст од 32,9 отсто, кој е речиси двојно повисок од годишниот пораст во вториот квартал од претходната година, кој изнесуваше 14,7 отсто. Исто така, и во вториот квартал од годинава продолжува трендот на зголемена употреба на мобилните телефони за извршување плаќања во земјата.
Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон пораснал за значителни 75,1 отсто на годишна основа. Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење поради пандемијата придонесе за годишен пораст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 122,6 отсто, како и на кредитните трансфери извршени по електронски пат од 32,2 отсто, во текот на првото полугодие од 2020 година.