Хрватска
Од сите земји-членки на Европската Унија, Хрватска бележи најголем број на новозаразени случаи од коронавирусот последнава недела, објави „Индекс.хр“. Таа се наоѓа на петтото место според вкупниот број на заболени лица од почетокот на пандемијата.
Заболувањето ковид-19 досега е дијагностицирано кај 3,6 отсто од вкупната хрватска популација. Според смртноста во последната недела како последица на коронавирусот, Хрватска се наоѓа на четвртото место во ЕУ, со околу 60 починати во еден ден. Во ЕУ, Хрватска бележи најмногу случаи на милион жители.
Влошувањето на епидемиолошката состојба во земјата натера 26 хрватски научници и лекари, меѓу нив и познатиот биолог Иван Џикиќ, научник од Факултетот во Франкфурт, да напишат отворено писмо во кое се предупредува дека на граѓаните не им се прикажува вистинската слика со ширењето на коронавирусот.
– Сега сме земја број еден во Европа според новозаразените, а мерките треба да се засилат за да се спречи бројот на мртвите. Воопшто не станува збор за забавен пораст – изјави Игор Штагљар, научник од Канада.