Здравствените и образовните власти во земјите од Западен Балкан разгледуваат различни стратегии за безбеден почеток на новата учебна година, која ќе се одвива во специфични услови поради пандемијата на коронавирусот

Новата учебна година во земјите од Западен Балкан ќе почне во различно време и со различни модели и здравствени протоколи за безбедно одржување на наставата за учениците. Освен Србија, која донесе целосен план за наставата на сите нивоа со детално разработена методологија и мерки за заштита од ширењето на коронавирусот, во другите земји од Балканот сѐ уште се разгледуваат различните сценарија. Најверојатно, во сите земји ќе се применува комбинираниот модел, со физичко присуство на учениците и со следење на наставата онлајн од дома.
Веќе е познато дека првиот училишен ден за српските ученици ќе почне на први септември, а првиот час ќе биде посветен на предавања и дискусии на темата за превенција од коронавирусот. Во протоколите изработени од надлежните министерства во детали е објаснето како учениците, наставниците и професорите треба да се однесуваат пред и по влегувањето во училиштата, во текот на часовите за настава и слободното време и во паузите, за заминувањето во тоалет и за обезбедување на дневниот оброк.

Учениците од прво до четврто одделение ќе одат во училиште, а во едно одделение може да има максимално 15 деца. Учениците од петто до осмо одделение ќе имаат комбинирана настава – во училишта и онлајн. Децата во училишните трпезарии треба да седат на столчиња оддалечени еден метар или до два метра ако има просторни можности. Храната и приборот за јадење не смее да се разменуваат меѓу учениците. Се препорачува децата да си носат приготвена храна од дома. Родителите треба секое утро да ја проверат телесната температура на своите деца пред заминување в училиште.
Повеќе од 50 отсто од училиштата во Србија ја завршија анкетата на која помалку од пет отсто од родителите ја избраа опцијата за учење од дома. Министерот за образование Младен Шарчевиќ изјави дека 75 отсто од содржините на наставната програма се снимани. Видеолекциите се подготвени на осум јазици на националните малцинства, и тоа за целата настава за основните училишта, гимназиите и општите стручни предмети. Останува и стручните училишта (музичките и за физичко образование) да се приспособат на новите услови, а основните препораки се однесуваат на тоа дека концертните активности и јавните настапи треба да се прават во широки простории и со помалку присутни ученици.

Министерството за образование во Хрватска објави дека новата учебна година за сите ученици ќе почне на седми септември, а дотогаш ќе бидат дефинирани сите протоколи за безбедно следење на наставата. Од ресорното министерство посочуваат дека се детектирани голем број проблеми, односно поради специфичноста на секое училиште, бидејќи сите не поседуваат еднакви услови. Засега не е потврдено дали носењето маски е задолжително за време на престојот во училиштата, но има препораки малите деца да не носат маски, а за повозрасните ученици тие ќе бидат задолжителни. За да се намали ризикот од нови жаришта на заразата се предлага училиштата да работат во две смени, а повеќебројните училишта да воведат и меѓусмена. Можна опција е некои од учениците по неколку дена да учат во училиште, а неколку од дома. Познатиот хрватски педагог и социолог Борис Јокиќ деновиве изјави дека образовната власт во Хрватска се однесува неодговорно и оти тие многу доцнат со подготовките за почетокот на училишната година.
Неделава во Босна и Херцеговина почна процесот на дезинфекција на сите 670 училишни објекти во Република Српска. Наставата во основните и средните училишта на подрачјето на ентитетот Република Српска почнува на први септември. Часовите ќе траат 30 минути, а учениците ќе бидат поделени во две групи, максимално со 15 ученици. Одделенијата со повеќе ученици ќе имаат пократки часови, а наставникот ќе одржува настава прво за едната, а потоа за другата група.

Училишниот одмор ќе трае не подолго од пет минути, а училиштата што работат во една смена ќе одржуваат настава во две, соопштија од Владата на Република Српска. Исто така, се пропишуваат и обврски за родителите пред да ги испратат децата во училиште. Маските се задолжителни за учениците и за професорите.
Во Федерацијата на Босна и Херцеговина сѐ уште не е познато во кои кантони учениците ќе се вратат на училишната настава. Но сигурно е дека во училишните клупи се враќаат децата од кантонот Сараево, додека за другите девет кантони не се знае на кој начин ќе се одвива наставата. Во опција е моделот: дел од учениците да посетуваат настава, а другите да ги следат предавањата онлајн. Наставата во училиштата на подрачјето на херцеговачко-нератванскиот кантон ќе почне на седми септември, но не се знае под кои услови ќе се организира таа. Здружението на родители „Нашите деца 2014“ потпишаа собраа потписи од 2.000 родители со кои се бара одвивање на наставата во училиштата.
Од Министерството за образование на Црна Гора велат дека нема пречки децата во септември да учат од дома, но од Националното координативно тело соопштија дека почетокот на учебната година се одложува од 1 октомври. Црногорското министерство за образование не информира на кој начин се подготвуваат за почетокот на новата училишна година. Оттаму повторуваат дека Институтот за јавно здравје и експерти од образованието работат на дефинирање јасни препораки врз основа на кои ќе се одвива начинот на организација на наставата во училиштата.

Весникот „Вијести“ ја пренесува изјавата на претставник на родителите на основно училиште во Цетиње за тоа дека одлуката за одложување на почетокот на наставата за октомври им штети на учениците и тоа ќе остави долгорочни последици на нив.
Албанското министерство за образование, спорт и млади вчера соопшти дека, врз основа на препораката на Националниот комитет на експерти за справување со коронавирусот, наставата во новата 2020/2021 учебна година ќе почне на 15 септември. По најавата за почетокот на наставата дел од стручните лица од оваа област сметаат дека сѐ уште не се создадени услови за почеток на наставата, пред сѐ одржување физичка дистанца. Околу 120 училишни објекти се надвор од употреба поради оштетувањата предизвикани од катастрофалниот земјотрес, што ја погоди земјата на 26 ноември минатата година.
Во Македонија сите ученици, освен првоодделенците, од 1 септември наместо на училиште ќе ја следат наставата од дома онлајн, предложи Комисијата за заразни болести поради страв од натамошно ширење на заразата со коронавирус во земјата. Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека планот на комисијата треба да се разгледува и од Владата. Конечната одлука треба да се донесе за неколку дена откако ќе се дискутира и со Министерството за образование.

– Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, наесен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да не чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија – изјави деновиве Филипче.


Србија – Наставата почнува од 1 септември. Учениците од прво до четврто одделение ќе одат во училиште, а од петто до осмо одделение ќе имаат комбинирана настава – во училишта и онлајн.

Хрватска – Новата учебна година за сите ученици ќе почне на седми септември, а дотогаш ќе бидат дефинирани сите протоколи за безбедно следење на наставата.

БиХ – Во ентитетот Република Српска учениците почнуваат со настава на 1 септември.
Во федерацијата не е познато во кои кантони учениците ќе се вратат на училишната настава.

Црна Гора – Од Националното координативно тело соопштија дека почетокот на учебната година се одложува од 1 октомври.

Албанија – Новата учебна година2020/2021 ќе почне на 15 септември.

Македонија – Од 1 септември со онлајн настава без физичко присуство на учениците во училиштата. Само првоодделенците ќе одат на настава.