Потпретседателот на српската Влада и министер за внатрешни работа Небојша Стефановиќ изјави дека барањето на опозицијата за апсење на претседателот на Србија, Александар Вучиќ претставува „повик за пуч“.
– Не сакам да се мешам во работата на Обвинителството и на судовите. Но, тука јасно се препознава кривично дело и повик за уривање на уставниот поредок и на законите. Ако тука не препознаат таквото дело, не знам каде ќе го препознаат – изјави Стефановиќ на ТВ Пинк.
Според Стефановиќ, повикот до полицијата и војската да го уапсат Вучиќ е „повик за пуч и крвопролевање, со што и се нанесува штета на Србија“.
Тој обвини дека лидерите на здружената опозициска коалиција Сојуз за Србија, Драган Ѓилас, Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ претставуваат „октопод што сака да се врати на власт“ и кои неможејќи да ја добијат поддршката на народот на избори, својата шанса ја гледаат во насилното преземање на власта, без да размислат за последиците.
– Опозицијата не ја интересира што мислат граѓаните на Србија. Тие никогаш не биле во Косово. Ако Србија не се бори за својот народ, ќе дојдеме во состојба таму повеќе да немаме народ. Ние немаме никаков договор и Вучиќ трпи критики поради нешто што би можело да биде најмногу што може да се извлече – констатираше Стефановиќ.
Поводот за оваа негова реакција беше објавениот твит на лидерот на опозициската партија Двери, Бошко Обрадовиќ со кој ги повика српската Војска и полицијата да го уапсат Вучиќ поради изјавата дека е за разграничување со Албанците.