Извори на ММФ ѝ предвидуваат на Грција економски пад од десет отсто поради корона-кризата, која таков пад не доживеала од најголемата криза во 2011 година
Грција
На 23 април пред десет години социјалдемократскиот премиер Јоргос Папандреу објави дека Грција не е способна да ги плаќа своите долгови и побара помош за надминување на финансиските тешкотии на земјата. Европската Унија се обиде да помогне со кредитна програма од 110 милијарди евра, за да може земјата да ја врати изгубената доверба кај кредиторите во наредните 18 месеци. Но за тоа Грција требаше да „плати“ со болни реформи и кратење на буџетските расходи, пишува во анализата на „Дојче веле“.
Најголеми протести имаше против намалувањето на платите на државните службеници и на пониските пензии. Дури во 2018 година Грција излезе од програмата за спасување, а премиерот Папандреу ја плати политичката цена на реформите и во 2011 година се повлече, а денес неговата партија во Грција има безначајно внимание.
Професорот по економија на Универзитетот во Атина Панајотис Петракис е внимателен во одговорот на прашањето дали Грција е спасена од финансиската криза. Грчката економија зависи од туризмот и нејзината структура за десетте години не е сменета. Продолжи и навиката на државата да се задолжува, ако се гледа висината на позајмените средства од надвор.
– Договореното одложување на отплатата на долговите е практично исто како и простување на тие долгови. Политичарите во Атина не беа секогаш свесни за обемот на проблемите во економијата. Во 2015 година говореа за некаков друг пат за излегување од неволјата, но тој пат водеше во катастрофа. Ова мораа да го разберат и популистите од левичарската СИРИЗА, која во 2015-та дојде на власт со ветување дека ќе ги затвори мерките за штедење – вели професорот Петракис.
Тогашниот премиер Алексис Ципрас ги повикаа граѓаните на референдум за да се изјаснат дали сакаат земјата и натаму да штеди. Грците одбија да штедат, но тогашниот германски министер за финансии Волфганг Шојбле ѝ се закани на Атина дека ќе мора да се збогува од сегашната заедничка валута – еврото.
Ципрас беше принуден да го сврти кормилото и во парламентот ја изгласа одлуката за мерките на штедење според препораките на ЕУ и ММФ. СИРИЗА, партијата на Ципрас, на последните избори доживува пораз и од јули лани нов премиер е Кирјакос Мицотакис, кој покажа поголемо разбирање за ставовите на инвеститорите на меѓународниот пазар на капитал. Следуваше добра туристичка сезона, а од Атина стигнуваа добри вести за суфицит во државната сметка и пораст на атинската берза.
Сега пристигна пандемијата на коронавирусот.
Националната економија застана, а прогнозите за годинашната туристичка сезона се неизвесни. Поранешниот министер за финансии Гикас Хардувелис смета дека рецесијата годинава може да достигне до пет отсто. Професорот Петракис се повикува на извори на ММФ, кој на Грција ѝ предвидува економски пад од десет отсто. Ваков пад Грција не доживеала од најголемата криза во 2011 година. Порастот по пандемијата може да ги намали црните прогнози. Но остануваат предвидувањата дека Грција во 2030-та би можела конечно да „вплови“ во сигурно пристаниште, доколку не се случат некои грешки, пишува „Дојче веле“.