Најмалку 29 мртви и над 650 повредени е најновиот биланс од завчерашниот земјотрес, со интензитет од 6,4 степени по Рихтеровата скала во Албанија, а вчерашниот ден беше прогласен за ден на жалост. Властите потврдија дека се пронајдени уште четири тела, а едно лице им подлегнало на повредите. Локалните медиуми информираа дека околу 45 лица се спасени од под урнатините. Владата на Албанија прогласи вонредна ситуација на подрачјето на Драч и Тирана, во областите што се најмногу погодени од земјотресот.
Албанската министерска за здравство Огерта Манастирлиу соопшти дека над 650 лица се повредени, од кои деветмина се животно загрозени. Според неа, 65 лица се задржани на болничко лекување.
Албанскиот премиер Еди Рама вети дека спасувачите ќе продолжат „трпеливо и темелно да трагаат до крајот“.
Според Агенцијата за цивилна заштита, во изминатите 48 часа Албанија била погодена дури од 310 земјотреси, пренесе хрватски „Индекс“.
По земјотресот во Драч, подрачјето на Балканот беше зафатено со нови потреси. Силен земјотрес вчераутро ја погоди и Грција. Епицентарот на земјотресот бил кај островот Крит, со јачина од 6,1 степен според Рихтер, соопшти EMSC, а бил почувствуван и во Атина.
Земјотресот се случил во 8.23 ч., а епицентарот бил во море во близината на Крит, околу 74 километри северозападно од градот Ханиа, на длабочина од 56 километри. Зградите на Крит и универзитетите биле евакуирани.
Тресењето на тлото било почувствувано низ целиот Пелопонез и Атика, јавуваат локалните медиуми, но и во Турција, Египет, Италија и Либија.
Сеизмологот Ефтимиос Лекас рече дека потресот не е поврзан со смртоносниот земјотрес што ја погоди Албанија, како и тој во Босна и Херцеговина.