Хаосот со вињетите за електронско плаќање на патарината продолжува и оваа недела, покрај ветувањата на бугарското министерство за сообраќај дека проблемот со дистрибуцијата ќе биде решен наскоро. Во текот на вчерашниот ден на граничните премини за влез во Бугарија немаше вињети за продажба. На преминот Кула се инсталираа неколку терминали, а патниците што влегуваа во Бугарија беа збунети и неинформирани каде да ги купат вињетите.

На граничните премини странците се информираат дека можат да го продолжат патувањето без вињети, но некои од нив не го разбираат јазикот, а нема ни службени лица за да им објаснат за што станува збор.
Бугарската пошта изјави за Нова дека продажбата на вињети ќе започне денеска. До крајот на оваа недела, овие електронски картички ќе бидат доставени до сите планирани продажни места во Бугарија.

Медиумите во Бугарија пишуваат дека останува нејасно дали возачите ќе добијат казни за возење без вињета преку е-пошта, како што е планирано со постојната регулатива.
Од Агенцијата за патишта велат дека системот сѐ уште не е добро разработен, а се очекува сите прашања да бидат расчистени до 15 јануари.


Во еврозоната најрано во 2022 година

Бугарија може да пристапи кон еврозоната најрано во 2022 година, изјави во Рига заменик-претседателот на Европската комисија задолжен за еврото, социјалниот дијалог и за финансиската стабилност, финансиските услуги и пазари на капитал Валдис Домбровскис.
Доколку Бугарија ги исполни обврските, уште во текот на летото на оваа година ќе добие зелено светло за приклучување на валутниот механизам EРM 2.
– Ако сѐ е во ред со прегледот на средствата во банкарскиот систем на Бугарија, земјата може да се приклучи на ЕРМ 2 во средината на оваа година. Потоа треба да поминат најмалку три години, за да се дојде до прифаќање на еврото. Првите две години се предвидени да се остварат критериумите од Мастрихт, а наредната година за оценување на постигнатите резултати и подготвителни активности – рече тој.