До мештаните на хрватското село Пецки, кај Петриња, кои ги има педесетина, речиси е невозможно да се дојде. На самиот влез во Пецки, на тесниот пат покрај рeката Утрина, се одрониле неколку камени блокови во висина од три-четири метра, попречувајќи го влезот во селото кое се наоѓа на неколку стотини метри воздушна линија од епицентарот на најсилниот земјотрес во поновата историја на Хрватска, пишува „Јутарњи лист“.
До селото не може да се стигне со автомобил, а луѓето ко доаѓаат за да ги проверат своите родители, ги оставаат возилата покрај патот и се качуваат преку камената блокада, како би стигнале до куќите. Земјотресот предизвикал одрон на патот, со што го отсекол селото од остатокот на светот. Во Пецки може да се стигне само пеш, и тоа на сопствена одговорност поради опасноста од нови одрони.
Меѓу жителите во селото е и шестчленото семејство Абрамовиќ чија куќа е потполно уништена. Покривот е разрушен, циглите отпаѓаат, а внатре е невозможно да се влезе поради шутот, срушената покуќнина и остатоците од каминот, како што забележува новинарот на „Јутарњи лист“.
– Немаме струја, немаме вода. Моравме да го изгаснеме греењето. Нема да можеме да спиеме внатре и не сакам моите деца да влегуваат во куќата ноќва. Немаме каде да одиме, сите наши пријатели и роднини се во ист проблем. Нашиот стан во Петриња исто така е разрушен. Ќе мораме да преноќиме во автомобилот – вели Јисипа Абрамовиќ Кушан.
Семејството при вчерашната средба со новинарите, апелираше до екипата на хрватскиот весник да ја повика полицијата, со цел таа да ги тргне камењата од патот, бидејќи тие останаа и без телефонски сигнал.