Пејачот на забавни песни од Макарска Марио Росо, од Високиот прекршочен суд во Сплит, е казнет со 1.000 куни затоа што ја отпеал песната на Томсон, која почнува со стихот „за дом спремни“. Ова е прва судска правосилна пресуда во која се наведува дека поздравот „за дом“ и „за дом спремни“ е користен како службен поздрав на усташкото движење во времето на ХДЗ, кој се темели на фашизмот и расизмот, со што се симболизира омраза кон луѓето од различната раса, вера и ентитет.
Пресудата на судот во Сплит предизвика реакции во хрватската јавност. Во изјава за хрватската агенција Хина, адвокатот Анто Нобило, рече дека ја поздравува пресудата.
– Искрено се надевам ова ќе биде ориентир за сите пониски судови, кои треба да судат на ист начин, а пред сѐ тоа да биде мотив за полицијата да почне да ја работи својата работа – изјави Нобило.
Неговиот колега Алан Шориќ смета дека таа е погрешна, бидејќи доведува до ограничување на слободата на говор. Тој вели дека во хрватското правосудство не постои институтот преседан, но објаснува дека потврдувањето на одлуката на понизок суд за тоа дека поздравот ЗДС, во изведба на песната на Томсон, е прекршок, фактички е обврзувачка за сите пониски судови.
– Мислам дека Високиот прекршочен суд погрешно пресудил, затоа што не е земен предвид контекстот во кој поздравот ЗДС е изговорен – вели Шориќ.