Идејата на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција“ на границата со Србија и неговите преговори со српскиот колега Александар Вучиќ за размена на територии значат поништување на независноста на Косово и водат кон крвава војна во регионот, смета пратеникот на владејачката Инцијатива за Косово (Нисма) Биљал Шерифи.
Според Шерифи, како што јави дописникот на МИА од Приштина, последните ставови кои ги изнесе Тачи на политичкиот форум во Алпбах во Австрија, каде што учествува заедно со Вучиќ и други лидери од регионот и Европа, покажуваат дека тој и неговиот српски колега се подготвени да го втурнат Косово во касапница, но и да го дестабилизираат целиот регион.
Пратеникот на Нисма, партија на чие чело е Хазби Лика, актуелен вицепремиер и некогашен близок соработник на Тачи, напиша на Фејсбук дека е време косовските политички сили „да му кажат на Тачи дека тој се претставува единствено себе си“.
Дебатата за корекција на границите, што подразбира размена на територии меѓу Косово и Србија, е „најопасната идеја за мирот и безбедноста на Западен Балкан“, смета Шерифи.
– Крајно време е сите политички и институционални сили на Косово да излезат со јасен став дека со обидите да го стави на преговарачка маса територијалниот интегритет на Косово, Хашим Тачи не претставува никого освен самиот себе. Уставна обврска на секој од нас е да им укажат на институциите на Европската унија и на Соединетите Американски Држави дека ниеден договор потпишан во тој правец нема да има важност за независната држава Косово, порача Шерифи.
Според пратеникот од парламентарното мнозинство, обидите за корекција на териториите претставуваат повикување на војна.
– Косово и целиот регион имаат потреба од мир, стабилност и економски развој. Секој обид да се вратат на преговарачка маса прашањата кои веќе се затворени, ги охрабрува реакционерните и воинствените сили во Србија да ги држат под постојана закана мирот и безбедноста во овој дел од Европа, напиша Биљал Шерифи.