Албанскиот премиер Еди Рама вчера беше нападнат со јајца додека беше на говорницата и се обраќаше пред пратениците во парламентот на Албанија.
Седницата на албанското собрание накратко беше прекината, откако пратеникот на опозициската Демократска партија, Ендри Хаша, го гаѓаше со јајца премиерот Еди Рама.
Во очекување претседателот на парламентот Грамоза Ручи да интервенира, Рама мораше да ја напушти седницата, пренесуваат албанските медиуми.
Фотографија на која се гледа како Хаша го гаѓа Рама со јајца објави поранешниот албански премиер Сали Бериша со коментар: „За присутните – тост и јајца“.
Истовремено со почетокот на седницата на албанскиот парламент пред зградата на собранието се собраа поголем број ученици и студенти, кои протестираат веќе 16-ти ден во повеќе градови во Албанија. Тие бараат од владата на Рама да ги исполни нивните барања, кои главно се однесуваат на подобри услови за учење.