Со уривање на 61 дивоградби, кои се сметаат за опасни за јавната безбедност, грчката Влада започнува со „битката“ против нелегално изградените објекти.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на денешната средба на грчкиот премиер Алексис Ципрас со министерот за животна средина и енергија Јоргос Статакис, било одлучено да се испратат известувања и да започне уривањето на: 27 дивоградби изградени во коритото на поранешна река во областа Мандра (населбата во која лани во поплави загинаа 20 лица), 21 заграден плац што го блокираат пристапот до плажите во три населби во регионот Атика и 13 куќи изградени во шумски предели кои се веќе предадени од сопствениците и подготвени за рушење.
Кабинетот на грчкиот премиер соопшти дека Министерството за животна средина и енергија ги разгледува судските одлуки што се однесуваат на плацот во Мати, каде што при неодамнешниот пожар животот го загубија 27 лица барајќи излез кон морето.
Грчката Влада со забрзан ритам во следниот период ќе продолжи со уривањето на дивоградбите, започнувајќи од 200 до 300 нелегални објекти, што се сметаат за опасни по јавното здравје.
Како што завчера објави МИА, портпаролот на грчката Влада најави дека во децентрализираната администрација на областа Атика постои листа со 2.500 дивоградби во шума, но и 685 дивоградби на брегот на морето кои според препораките на катастарските шумските служби, треба да се урнат.