Вкупната инвестициска инјекција за Западен Балкан би достигнала речиси една третина од вкупниот БДП на регионот, што ќе овозможи економски раст за сите земји од регионот. ЕУ веќе одвои 3,3 милијарди евра за надминување на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот
По пребродувањето на здравствената криза, повеќето земји во развој, во кои припаѓаат и државите од Западен Балкан, ќе се соочат со економските последици од пандемијата на коронавирусот. Процените на меѓународните финансиски институции се дека многу од земјите ќе се најдат во позиција да не можат да ги сервисираат надворешните долгови, кои беа принудени да ги направат за спречување на ширењето на коронавирусот, посочуваат од Институтот за меѓународни финансии (ИИФ). Заради полесно пребродување на кризата, Европската Унија во октомври минатата година го усвои и пакетот за финансиска помош од 3,3 милијарди евра што ќе биде наменет за земјите од Западен Балкан. Овие средства се наменети за покривање на дел од тековните трошоци во здравствените сектори на земјите од регионот, во висина од 38 милиони евра. Помошта во областа на здравството се состои и во одобрување на ексклузивниот пристап до институциите на Европската Унија и медицинската опрема. Во делот за економско закрепнување на националните економии се предвидени 389 милиони евра, како и 750 милиони евра за макрофинансиска помош. За поддршка на фирмите во приватниот и јавниот сектор се предвидени 455 милиони евра, како и одобрување повластени кредити од Европската инвестициска банка, во износ од 1,7 милијарда евра.
Европската Унија и понатаму е најголем финансиски подржувач на земјите од Западен Балкан. Во октомври минатата година, Европската комисија го усвои долгонајавуваниот и сеопфатен Економски и инвестициски план за Западен Балкан, кој има за цел постигнување долгорочно економско заздравување на регионот и поддршка на зелената и дигиталната транзиција, како и поттикнување на регионалната интеграција со Европската Унија.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој се наоѓаше на балканска турнеја за промоција на новиот инвестициски пакет, изјави дека средствата ќе бидат наменети за инвестиции во областа на транспортот, енергијата, зелената и дигиталната транзиција, што треба да овозможи долгорочен економски раст и отворање нови работни места. Исполнување на планот ќе значи и побрзо премостување на големиот јаз во развојот меѓу земјите од регионот и ЕУ. Но, според Вархеи, за искористување на најавените девет милијарди евра ќе треба да се исполнат и условите за спроведување на реформите.
Поголемиот дел од финансиската помош се однесува за спроведување на зелената агенда за Западен Балкан, која беше усвоена на самитот во Софија, во ноември лани. Планот предвидува финансирање на десет главни инвестициски проекти за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот, за користење обновлива енергија и преминување од јаглен, подобрување на енергетската ефикасност на јавни и приватни објекти и намалување на емисијата на штетните гасови, за инфраструктура за управување со отпадот и отпадните води… Други поважни проекти се вложувањата во приватниот сектор за јакнење на конкурентноста и иновациите, особено на малите и средните претпријатија. Се очекува поддршката преку гарантниот фонд за Западен Балкан да достигне до 20 милијарди евра во следната деценија, соопштија од Европската комисија.
Вкупната инвестициска инјекција би достигнала речиси една третина од вкупниот БДП на регионот, како и да овозможи економски раст од 3,6 отсто за сите земји од регионот, меѓу кои се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. ЕУ веќе одвои 3,3 милијарди евра за надминување на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, информира „Еуроактив“.
Подобрувањето на транспортната инфраструктура ќе биде главниот фокус на седумгодишниот план за развој на Западен Балкан. Во идните планови се предвидува завршување на изградбата на автопатот Белград – Приштина и подобро поврзување на Подгорица и Сараево. Инвестициите во обновлива енергија се фокусираат само на искористување на хидроенергијата во регионот и проектите за соларна енергија и ветер во Македонија, објави „Еуроактив“.
Подоброто поврзување на економиите на Западен Балкан во рамките на регионот и со ЕУ бара силна посветеност од Западен Балкан за спроведување темелни реформи, продлабочување на регионалната економска интеграција и развој на заеднички регионален пазар врз основа на законодавството на ЕУ за да се направи регионот како поатрактивна област за инвестиции, се нагласува во соопштението на Европската комисија, по објавувањето на новиот финансиски план за Западен Балкан. Неисполнувањето на реформите за владеење на правото, јавната управа и функционирањето на демократските институции, ќе ги забави земјите во регионот во користењето на финансиската помош.