Босна и Херцеговина
Властите во Сараево најавуваат поведување постапка пред арбитражниот суд по обелоденувањето на одлуката на хрватските државни органи дека локацијата во Двор, која е во близината на границата со Босна и Херцеговина, е најпогодна за складирање на опасниот нуклеарен отпад. Сѐ е поизвесно дека ќе се остварат црните прогнози на локалното население во пограничните општини и дека Хрватска нема да отстапи од плановите за нуклеарна депонија на местото, што може да им го загрози животот на околу 250 илјади жители. Оваа локација е на три километри од границата и тука ќе биде складиран хрватскиот дел од отпадот од нуклеарката „Кршко“. Со ова пропаднаа и надежите дека Хрватска ќе го прифати предлогот на Словенија, опасниот отпад да се чува на локација во Врбина, близу Кршко. Но делегациите на Хрватска и на Словенија минатата недела не постигнаа договор за заедничко складирање на средно и нискорадиоактивниот отпад од словенечката нуклеарна централа, пишува дописникот на „Политика“ од Бања Лука.
Од Загреб како клучен проблем го наведуваат тоа што на локацијата што ја предлагаат нивните соседи би се складирал отпад само од нуклеарката „Кршко“, што не го решава долгорочно проблемот и тоа што хрватската страна сака да има едно место на кое би се собирале сите видови опасен отпад. Хрватскиот министер за заштита на околината и енергија Томислав Чориќ потврдува дека тоа е локацијата Черкезовац на Трговската Гора кај Двор.
Од пограничните општини во БиХ најавуваат тужба против Хрватска.
– Пресудниот фактор за ваквата одлука на хрватската страна се парите. Прашање е дали таму ќе се фрла само половина или целиот радиоактивен отпад од електроцентралата од „Кршко“ – вели Мирослав Дрљача, градоначалник на општината Нови Град.
Од општината, која е на еден километар воздушна линија од Трговска Гора во Хрватска, побараа конкретни реакции од институциите во БиХ и поднесување тужба за да се спречи складирање на радиоактивниот отпад во нивна близина. Градоначалниците на хрватските општини Петриње и Двор побараа нуклеарниот отпад да се складира на местата каде што настанува.