Во автомобилот кој бил повлечен од надојдената река, претпладнево беа пронајдени телата на четворицата исчезнати на грчкиот остров Крит, по речиси 35 часа потрага, јави дописничката на МИА од Атина.
– Во коритото на реката Геропотамис во општина Ираклио на Крит, беа пронајдени во нивниот автомобил, четворицата исчезнати и во тек е нивно извлекување, соопштуваат од грчката противпожарна служба.
Во потрагата беа вклучени и нуркачи, а возилото било откриено во дел што бил покриен со трски, кал и вода.
Според локалните медиуми од островот, во автомобилот се наоѓала млада брачна двојка, сестрата на сопругата и нивната мајка, а во саботата по полноќ се враќале од свадба. Поради лошите временски услови и поројниот дожд реката покрај патот била надојдена и веројатно го повлекла возилото.